Германското МНР до Рубио: Историјата нѐ учи дека десничарскиот екстремизам мора да биде сопрен

Одлуката на германската разузнавачка служба да ја класифицира партијата „Алтернатива за Германија“ (AfD) како „потврдена десничарска екстремистичка организација“ предизвика бурна реакција од САД, отворајќи нов фронт на дипломатско несогласување меѓу двете земји.

На 2 мај, германската Служба за заштита на уставниот поредок (BfV) објави дека по обемна истрага на 1.100, AfD е формално означена како екстремистичка партија. Причината: ставови кои се оценети како „расистички и антимуслимански“ и несоодветни со германскиот уставен поредок. Класификацијата ѝ овозможува на државата проширени надлежности за следење на партијата, вклучително и користење на доушници и надзор на комуникации.

На ваквата одлука реагираѓе американскиот државен секретар Марко Рубио на платформата X кој одлуката ја нарече „тиранија маскирана како демократија“. Потпретседателот Џеј Ди Венс исто така ја нападна Германија, велејќи дека „повторно го гради Берлинскиот ѕид“.

Германското Министерство за надворешни работи возврати дека одлуката е резултат на „независна истрага за заштита на уставот“, со потсетување на историјата и поуките од подемот на нацизмот.

„Ова е демократија. Одлуката е резултат на опсежна и независна истрага за да се зачуваат нашиот Устав и владеењето на правото. Ова се независни судови кои го имаат последниот збор. Научивме од нашата историја дека десничарскиот екстремизам мора да биде сопрен“ велат од германското МНР во одговорот до Рубио.

AfD, која освои 20,8% од гласовите на изборите во февруари и има силна поддршка во источна Германија, ја нарече одлуката политички мотивирана. Некои германски политичари бараат дури и забрана на партијата, додека други, вклучително и ексканцеларот Олаф Шолц, предупредуваат на претпазливост.

Реакциите се разликуваат и во јавноста. Додека некои ја поддржуваат одлуката како нужност против екстремизмот, други – вклучувајќи и Илон Маск – предупредуваат дека тоа може да биде опасен преседан и удар врз демократијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен