Гинекологот Мухамед Асани осуден на три години затвор и пет години забрана за работа поради случајот со родилката Веапоска

Основниот суд во Струга денеска го осуди гинекологот Мухамед Асани на три години затвор и на петгодишна забрана за работа, поради случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, која при породување остана без јајник, бубрег и матка. Станува збор за неправосилна пресуда, на која Асани има право да поднесе жалба до Апелациониот суд во Битола.

Судијата Јордан Јованов утврди дека првообвинетиот, и покрај влошената состојба на пациентката по извршениот царски рез, не спровел неопходна дијагностика и ехо-преглед за да го утврди внатрешното крварење. Поради доцнењето и пропустите дошло до хеморагичен шок, по што биле извадени три здрави органи.

„Обвинетиот Мухамед Асани се прогласува за виновен. Му се изрекува ефективна казна затвор од три години што е максималната санкција за ова кривично дело и дополнителна забрана за вршење професија во траење од пет години по издржување на казната,“ соопшти судијата Јованов.

Синот на Асани и уште една гинекологија – ослободени од обвинение

Второобвинетиот Блертон Асани, син на гинекологот и специјализант кој бил присутен при царскиот рез, како и гинекологот Лилјана Јованоска, беа ослободени од вина.

Родилката Јилдиз Веапоска, која по речиси пет години судски процес чека правна разрешница, изјави дека делумно е задоволна од одлуката.

„Овие се солзи од неправда. Пет години одам по судови. Сакав и Мухамед Асани да добие казна, но и неговиот син, кој учеше врз мене, да не помине толку лесно,“ рече Веапоска по објавувањето на пресудата.

„Максимална казна – доказ дека системот се опоравува“

Нејзиниот адвокат, Сашо Јанев, оцени дека казната е соодветна и дека ја рефлектира тежината на делото.

„Ова не е момент за славење, туку показател дека правосудниот систем се буди и реагира на вакви случаи. Добивме максимална казна согласно законот и задоволен сум од исходот,“ изјави Јанев.

Случајот започна во 2022 година

Судскиот процес започна во 2022 година, кога Мухамед Асани беше обвинет за кривичното дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“. Веапоска во 2020 година беше подложена на царски рез, по што поради сериозни пропусти во третманот остана без три витални органи, со сериозно загрозен живот.

Зачлени се на нашиот е-билтен