Гласањето во францускиот парламент денес може да предизвика нова сериозна политичка криза

Францускиот парламент денес треба да гласа за буџетот за социјално осигурување, пресуден документ од кој зависат здравството, пензискиот систем и социјалните надоместоци. Исходот е крајно неизвесен, а потенцијалното одбивање на законот би оставило дупка од 30 милијарди евра во јавните финансии и би можело да ја турне земјата во нова политичка криза.

Премиерот Себастиен Лекорну нема стабилно мнозинство и, во обид да обезбеди поддршка од социјалистите, меѓу другото и со суспендирање на пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон, го отуѓи дел од своите центристички и конзервативни партнери. Поради тоа, судбината на законот останува неизвесна.

Пратениците во Националното собрание ќе почнат да го разгледуваат текстот по 16 часот, само неколку дена откако со тесно мнозинство беше усогласен делот што се однесува на даноци.

На прашањето дали владата ќе успее да го протурка буџетот, министерката за буџет Амели де Моншален за BFM TV изјави: „Не можам да кажам.“ Таа додаде дека владата би можела да понуди повеќе средства за јавните болници за да ги придобие воздржаните партии како Зелените.

Лидерот на социјалистите Оливие Фор вчера сигнализираше дека неговата партија би можела да го поддржи законот, откако обезбеди клучни отстапки, меѓу кои и одложување на пензиската реформа до претседателските избори во 2027 година.

Но, крајната левица и крајната десница најавија дека ќе гласаат против. Дополнителен проблем за владата е тоа што дел од нејзините потенцијални партнери, центристичката Horizons и републиканските конзервативци би можеле да останат воздржани или да гласаат против, тврдејќи дека Лекорну премногу попуштил пред социјалистите со тоа што ја загрозил пензиската реформа и ги зголемил даноците.

Социјалното осигурување опфаќа повеќе од 40 проценти од јавните расходи во Франција и обезбедува клучни услуги како здравствена заштита, пензии и социјални бенефиции.

Лекорну минатата недела предупреди дека одбивањето на законот би предизвикало буџетска „дупка“ од до 30 милијарди евра, речиси двојно поголема од предвидената во првичниот нацрт. Таквата состојба би го довела во прашање целиот буџет за 2025 година, а времето за усвојување истекува пред крајот на годината.

Владата има за цел да го намали буџетскиот дефицит на помалку од 5 проценти од БДП следната година, но маневарскиот простор е мал во парламент каде што никоја партија нема мнозинство.

Политичката нестабилност околу буџетот трае уште од предвремените избори минатата година, кога Макрон ја загуби парламентарната контрола, што веќе резултираше со пад на три влади.

Зачлени се на нашиот е-билтен