Гнев во Пакистан: Протести против KFC завршија со смрт и апсења

Во протести против војната во Газа, демонстранти во Пакистан ги нападнаа рестораните на синџирот за брза храна KFC, бидејќи го гледаат како симбол на САД и Израел.

Досега се регистрирани најмалку 20 обиди за напади врз ресторани на KFC низ земјата, а полицијата уапси 40 лица. Во еден инцидент, 45-годишниот вработен Асиф Наваз беше убиен во градот Шеикупура, кога бил погоден од куршум додека работел во кујната.

Видеа на социјалните мрежи покажуваат како разјарени толпи со железни прачки влегуваат во KFC ресторани, заканувајќи се дека ќе ги запалат. Два ресторани во Карачи биле опожарени, додека корисници на интернет повикуваат на бојкот со пораки дека парите што се трошат таму „се претвораат во куршуми“.

Властите го осудуваат насилството, истакнувајќи дека франшизите се во сопственост на Пакистанци, а приходите остануваат во земјата.

Религиозни и политички лидери во Пакистан, вклучувајќи ја и исламистичката партија TLP и влијателниот сунитски учен Муфти Таки Усмани, ги поддржуваат бојкотите на западни компании поврзани со Израел, но повикуваат протестите да бидат мирни. Усмани истакна дека исламот не дозволува нанесување штета или ризикување човечки животи.

Во меѓувреме, западни брендови како McDonald’s и Starbucks се соочија со притисок и пад на продажбата поради нивното поврзување со Израел.

Зачлени се на нашиот е-билтен