Најголемото руско складиште за нафта на окупираниот Крим и денеска гори, ден по нападот со украински дронови, јавуваат руските локални медиуми. Густ чад се издига над градот Феодосија и е видлив од повеќе од 25 километри.

Извор од Украинската служба за безбедност (СБУ) потврди за Kyiv Independent дека нападот бил изведен од украински беспилотни летала, кои го погодиле складиштето и предизвикале „голем пожар“. Според снимките објавени денеска, руските окупациски власти сè уште не успеале целосно да го стават пожарот под контрола.
Телеграм-каналот Crimean Wind јави дека отровниот чад се шири над градот и е видлив дури и од Стар Крим, на околу 25 километри растојание, додека мирисот на изгорена нафта се чувствува и на 10 километри од местото на инцидентот. Од погоденото подрачје се евакуирани повеќе од 800 лица.
Нападот се случил околу полноќ и е втор по ред на истото складиште во рок од една недела, откако првиот беше изведен на 6 октомври. Објектот е мултифункционален терминал што служи за претовар на нафта и нафтени деривати меѓу железнички, бродски и патни цистерни.
Складиштето во Феодосија, кое може да прими до 250.000 тони гориво, е најголемото нафтено складиште на Крим и претставува клучна логистичка точка за снабдување на руските сили.
Во последните неколку недели, украинските сили интензивно ја таргетираат руската нафтена инфраструктура, која е еден од главните извори на приходи за Москва. Според врховниот командант Олександр Сирски, рускиот капацитет за преработка на нафта се намалил за 21% како резултат на овие напади.
Во повеќе руски региони веќе се чувствува недостиг на гориво, додека властите се обидуваат да го зголемат увозот. Според весникот Известија, руската федерална служба за заштита на конкуренцијата е повикана да воведе ограничени цени на горивото поради растечките недостатоци на пумпите низ земјата.