Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гренланд – геополитички бисер полн со природни ресурси

Гренланд не е на продажба, за Панамскиот канал не може да се преговара, а ниедна економска сила не може да ја направи Канада 51-та земја на САД. Вака Данска, Панама и Канада им кажаа „не“ на плановите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој на помалку од две недели пред инаугурацијата излезе со шокантни изјави и желби со кои сака да го промени светот…

Данска возврати на провокативните најави на Трамп, а меѓу нив беше и преземањето на Гренланд. Копенхаген го повтори цврстиот став за автономијата на островот, велејќи дека тој не е на продажба.

„Ќе кажам многу јасно-Гренланд е за гренландскиот народ. Тој не е на продажба. САД се наш апсолутен најблизок сојузник, и тоа во сите прашања од одбраната и безбедноста, како и во однос на северниот дел на Атлантикот каде тензиите растат. Имаме јасен интерес во тоа што САД играат голема улога, а не Русија или други земји. Но, Гренланд е за гренландскиот народ. И мора да соработуваме на истиот начин на кој сме навикнати, меѓу другото, во НАТО и во другите меѓународни форуми“, изјави премиерката на Данска, Мете Фредериксен.

Трамп се изјасни дека ако Данска се спротивстави на понудата САД да го купат Гренланд, Вашингтон ќе воведе санкции кон Копенхаген. Случајно или не, неговата изјава се совпадна со посетата на неговиот син, Доналд Трамп Јуниор, на островот, кој наводно делел капи „Направете го Гренланд повторно голем“ и покрај тоа што тврди дека пристигнал туристички.

„Тука сме како туристи, гледајќи го тоа, изгледа како неверојатно место. Навистина сум возбуден што сум тука, прекрасна земја, пејзажот е спектакуларен“, изјави синот Доналд Трамп Јуниор.

Геополитички бисер полн со природни ресурси

Гренланд е не само геополитички стратешки важен, туку и еден од најбогатите региони на Земјата во поглед на природни ресурси. Островот е домаќин на значителни минерални резерви, вклучувајќи ураниум, злато, сребро и ретки минерали, кои се критични за развојот на модерните технологии, како што се телекомуникациите и електричните батерии. Исто така, Гренланд поседува значителни резерви на нафта и природен гас, кои сè уште не се искористени во целост, но се сметаат за огромен потенцијал во иднина.

Сепак, најголемото богатство на Гренланд е неговата ледена покривка, која има стратегиска важност поради глобалните климатски промени. Топењето на мразот би имало драматични последици за светските климатски и временски услови, а тоа би можело да доведе до значителни промени во морското ниво. Тој мраз е потенцијален играч во глобалниот климатски баланс и, доколку се стопи, би довел до раст на морското ниво од 7,4 метри.

„Тој мраз не е само важен за климатските промени, туку и за глобалните трговски патишта. Гренланд игра улога во клучните океански струи кои влијаат на климатските состојби низ целиот свет“, вели климатологот Дејвид Холанд.

Трамп и Панамскиот канал

Трамп не се задоволи само со Гренланд, туку предизвика дополнителни реакции со коментарите за Панамскиот канал. Тој не ја исклучи можноста за воена акција за „обезбедување на контролата“ врз каналот, што ги поттикна прашањата за неговата надворешна политика и потенцијалниот ризик од нови конфликти.

„Панамскиот Канал е изграден за нашата војска и е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина, а ние и го дадовме на Панама. Го злоупотребија тој подарок. Тоа никогаш не требаше да се случи“, изјави Трамп.

Што ќе значат овие потези за светската политика?

Доколку Трамп продолжи со својата агресивна политика кон Гренланд и Панамскиот канал, тоа може да доведе до сериозни дипломатски и економски последици за односите меѓу САД и Европа, Латинска Америка и другите глобални сили. Европските сојузници, како Данска, и земјите од Латинска Америка би се спротивставиле на таквите чекори, што би можело да предизвика нови глобални конфликти. Се чини дека новиот американски претседател нема да се откаже од своите амбиции, кои ја менуваат традиционалната надворешна политика на САД и ставаат светот пред нови предизвици.

Зачлени се на нашиот е-билтен