Компанијата на поранешниот македонски премиер и осуденик Никола Груевски, кој избегa во Унгарија, работи стабилно и успешно, покажува годишниот финансиски извештај за минатата година. Груевски, близок пријател на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во 2018 година доби азил во Унгарија, а во летото 2021 основал своја фирма за консултантски услуги – ICIC Kft., со седиште во мало семејно домување во градот Печел, објави унгарскиот портал 444.hu.
Консултантската дејност се покажала како исклучително исплатлива: приходите на компанијата редовно растат, а трошоците се минимални. Така, Груевски бележи високи профити.
Минатата година, фирмата пријавила приход од 4,1 милион форинти (околу 10.500 евра), во споредба со 3,8 милиони претходната година. Трошоците изнесувале само 1,28 милиони форинти, речиси идентични со тие од 2022 година. По одбивањето на даноците, Груевски пријавил нето добивка од 2,67 милиони форинти, што е зголемување во однос на 2,2 милиони од претходната година.
Од оваа добивка, тој повлекол 2 милиони форинти како дивиденда. Вкупно, во текот на трите години постоење на фирмата, поранешниот премиер си исплатил околу 16,7 милиони форинти (приближно 43.000 евра).
Во извештајот се наведува и дека, и покрај редовното повлекување на добивката, на крајот од минатата година на сметката на компанијата останале околу 8 милиони форинти. Изненадувачки е и тоа што Груевски не само што заработува од совети, туку изгледа е и кредитоспособен – на билансот пријавил и обврска од 2,52 милиони форинти.
Се претпоставува дека Груевски и натаму одржува добри односи со унгарската влада. Во 2019 година беше обелоденето дека министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, лично го примал Груевски во својот кабинет за да добие совети поврзани со Западен Балкан. Според Сијарто, токму Груевски е „најдоверлив извор на информации“ за регионот, со оглед дека бил премиер цели десет години.