Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, оцени дека во израелската воена операција во Појасот Газа постоело „нешто фундаментално погрешно“ и дека има силни основи да се верува оти биле извршени воени злосторства. Говорејќи на конференцијата „Reuters Next“ во Њујорк, тој остро предупреди на последиците од игнорирањето на цивилните жртви и масовното разурнување.
„Мислам дека нешто фундаментално погрешно имаше во начинот на кој беше спроведена оваа операција, со целосно занемарување на смртта на цивили и уништувањето на Газа“, рече Гутереш, додавајќи дека целта била уништување на Хамас, но дека „уништена е Газа, а не Хамас“.
Осврнувајќи се и на војната во Украина, генералниот секретар на ОН оцени дека мировните преговори се „заглавени“, нагласувајќи дека какво било решение мора да биде во согласност со меѓународното право и територијалниот интегритет на државите. „Ќе биде ли така? Веројатно не. Сè уште сме далеку од решение“, изјави Гутереш во разговор со главната уредничка на Ројтерс, Алесандра Галони.
Тој предупреди дека кршењето на меѓународните норми создава глобална опасност, бидејќи може да испрати сигнал дека државите можат да постапуваат без последици. Гутереш изрази надеж дека конечниот исход на преговорите ќе ги почитува принципите на меѓународниот поредок, иако, како што рече, тоа нема да биде лесна задача.

