Пилотите на Луфтханза ќе стапат во дводневен штрајк во понеделник и вторник, поради недостиг од договор со работодавачот во повеќе тарифни спорови, што ќе доведе до бројни нарушувања во авио-сообраќајот.
Пилотите се повикани на штрајк кој ќе трае од понеделник во 00:01 часот до вторник во 23:59 часот, соопшти синдикатот „Кокпит“ (Ферајнигунг Кокпит), пренесува Шпигел.
На прекин на работа се повикани членови на синдикатот во компаниите: Дојче Луфтханза АГ, Луфтханза Карго АГ, Луфтханза СитиЛајн ГмбХ, како и Јуровингс ГмбХ.
Претседателот на синдикатот, Андреас Пињеиро, изјави дека синдикатот е принуден на ваков чекор бидејќи работодавачите не покажале подготвеност за решавање на споровите.
„И покрај свесното воздржување од штрајк за време на велигденските празници, не добивме сериозни понуди. Во тој период немаше ни одговор, ниту видлива подготвеност за разговор од страна на работодавачите“, изјави Пињеиро.
Според синдикатот, во Луфтханза и Луфтханза Карго не е понудено решение за дополнително пензиско осигурување на вработените, додека во Луфтханза СитиЛајн нема одржлива понуда за нов колективен договор за плати.
Во Јуровингс, како што се наведува, предложеното решение за пензиско осигурување е неприфатливо и „на толку ниско ниво што едвај го заслужува тој назив“.
Синдикатот нагласи дека останува отворен за преговори и порача дека работодавачите можат во секој момент да го спречат штрајкот со прифатливи понуди.
„Штрајкот секогаш е последно средство за придвижување на неуспешните преговори. Би сакале да го избегнеме, особено поради товарот врз патниците и вработените на земја, но одговорноста е на страната на работодавачот“, додаде Пињеиро.
Поради актуелната ситуација на Блискиот Исток, од штрајкот се изземени летовите од Германија кон одредени дестинации, меѓу кои Азербејџан, Египет, Бахреин, Ирак, Израел, Јемен, Јордан, Катар, Кувајт, Либан, Оман, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, соопшти компанијата.
Авиобилетите поскапуваат, летовите се откажуваат
Наглото поскапување на млазното гориво – од околу 85-90 на дури 150-200 долари за барел во последните недели – ги принуди авиокомпаниите ширум светот да реагираат со зголемување на цените на билетите.
Покрај поскапувањата, превозниците воведуваат и дополнителни такси, како и ревизија на деловните планови, пренесува „Ројтерс“.
Меѓу најпогодените се „Ер Франс“, која најавува повисоки цени за долги релации, „Делта ерлајнс“, која паралелно го намалува капацитетот и ги зголемува надоместоците за багаж, како и „Јунајтед ерлајнс“, која ги кратат непрофитабилните линии и ги зголемува трошоците за патниците.
„Ер Индија“ воведува нов систем на доплати за гориво, додека „Ер Њу Зеланд“ ги намалува летовите и ја повлекува годишната прогноза за заработка.
Во Европа, „Луфтханза“ заедно со партнерот „Туркиш ерлајнс (Сан Експрес)“ воведуваат дополнителни такси на европските рути, додека „Бритиш ервејс“ (IAG) засега го одложува поскапувањето.
Во азискиот регион, „Катеј Пацифик“, „ИндиГо“ и „Чајна Истерн“ воведуваат или ги зголемуваат доплатите за гориво, додека „САС“ и „Изиџет“ предупредуваат дека следуваат нови поскапувања и можно кратење на мрежата.
Авиокомпаниите алармираат дека доколку трендот на раст на цените продолжи, тоа дополнително ќе ја намали профитабилноста и ќе предизвика нов бран поскапувања за патниците.
Во меѓувреме, според најновиот извештај на „Евроконтрол“, европските аеродроми и понатаму се соочуваат со значителни доцнења, и покрај благо подобрување на точноста.
Лисабон, Цирих и Ница се меѓу најпроблематичните аеродроми, при што Лисабон бележи најлош резултат – само 49 проценти од летовите полетале навреме, објави „Евроњуз“.
Како главни причини се наведуваат пренатрупан воздушен сообраќај, ограничувања на рутите, временски услови и работа на аеродромите со речиси максимален капацитет.
Од друга страна, Берген, Осло, Стокхолм, Копенхаген и Лајпциг се издвојуваат како најточни аеродроми, со над 80 проценти навремени полетувања.
Извештајот посочува дека Истанбул, Амстердам Шипхол, Лондон Хитроу и парискиот „Шарл де Гол“ остануваат најпрометните европски центри, додека вкупниот воздушен сообраќај е во пораст споредено со минатата година.
Во просек, дневно се реализираат околу 30.000 летови, а во шпицот на сезоната од мај до август бројката достигнува и до 35.000.
Според податоците, „Рајанер“ е најпрометната авиокомпанија со околу 3.192 летови дневно, следена од „Изиџет“ со 1.611 и „Туркиш ерлајнс“ со 1.559 летови. Зад нив се „Луфтханза“ со 1.083 и „Ер Франс“ со 1.061 лет дневно, пренесува „Танјуг“.