Хаос во Милано: Протест за Газа прерасна во насилство, повредени десетици полицајци

Она што започна како марш во знак на поддршка за Газа денеска во Милано заврши со нереди и судири со полицијата. Инцидентите ескалираа кај Главната железничка станица, каде што група демонстранти облечени во црно се обидоа насилно да влезат во метрото.

Во хаосот беа повредени околу 60 припадници на безбедносните сили, од кои повеќе од 20 се пренесени во болница. Полицијата приведе десетина лица, а медицинска помош им беше укажана и на дел од демонстрантите.

Насилниците користеле апарати за гаснење пожар и канти за ѓубре како барикади, фрлале шишиња и канистри врз полицијата и кршеле стакла на главниот влез во станицата. Сцената наликувала на воена зона – со чадни бомби и улици полни со камења и искршен инвентар.

Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, ги осуди немирите, нагласувајќи дека „ваквиот вандализам нема врска со борбата за правата на Палестинците“. Министерот за внатрешни работи, Матео Пјантедоси, пак, оцени дека станува збор за „намерен напад врз полицијата“.

Иако илјадници луѓе протестираа мирно, ситуацијата излезе од контрола во близина на американскиот конзулат, каде што беа запалени знамињата на САД, Израел, НАТО и Европската Унија.

Дел од маршот предизвика и сообраќаен колапс – повеќе железнички линии беа во прекин, а возовите доцнеа и по два часа. Слични акции се одржаа низ цела Италија, каде синдикатите блокираа пристаништа и патишта барајќи прекин на огнот во Газа.

Зачлени се на нашиот е-билтен