Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги паузира своите офанзивни сајбер операции против Русија, велат официјални лица, додека продолжува дипломатскиот притисок за ставање крај на војната во Украина.
Образложението за инструкцијата не е јавно наведено и не е јасно колку долго може да трае застојот. Одделот за одбрана одби да коментира.
Директивата, наводно, дошла пред јавното соочување на Трамп и Зеленски во петокот во Овалната соба во Белата куќа..
Откако се врати на функцијата, Трамп значително ја ублажи американската позиција кон Москва во желба да постигне договор за ставање крај на војната – по целосната инвазија на Русија пред повеќе од три години.
Се чини дека тој го повтори оправдувањето на Москва за започнување на војната и најави дека планира да се сретне со неговиот колега, претседателот Владимир Путин. САД, исто така, застанаа на страната на Русија за време на неодамнешните гласања во Обединетите нации поврзани со војната.
Во исто време, Трамп го нарече Зеленски диктатор и го обвини за „коцкање со Трета светска војна“ за време на расправата во Овалната соба.
Запирањето на американските сајбер операции против Русија беше објавено од секретарот за одбрана Пит Хегсет во новото упатство за американската сајбер команда, изјавија официјални лица за CBS News.
Ваквиот потег ги отвора прашањата во врска со силата на американската борба во сајбер арената против наводното руско хакерство, мешање во изборите и саботажни напори кои ги таргетираа западните нации кои застанаа на страната на Украина за време на војната.
Стотици или илјадници лица би можеле да бидат погодени од наредбата на Хегсет, според The Record, публикација за сајбер безбедност која прва ја објави веста. Меѓу погодените најверојатно ќе бидат и операциите насочени кон зајакнување на дигиталната одбрана на Украина.
Советникот за национална безбедност Мајк Волц негираше дека се разговарало за промена на политиката, но во интервју за Си-Ен-Ен призна дека ќе има „секакви моркови и стапови за да се стави крај на оваа војна“.
Високи членови на тимот на Трамп – кои минатиот месец се сретнаа со нивните руски колеги во Саудиска Арабија, при што беа исклучени Украинците – неодамна ја бранеа својата промена на пристапот кон Москва.
Државниот секретар Марко Рубио изјави за ABC: „Нема да ги доведете Русите на маса ако ги навредувате, ако сте антагонисти. Тоа се само инстинктите на претседателот од годините и годините на склопување договори“.
Во изјава за Њујорк Тајмс, демократот Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот, рече дека потегот е „критична стратешка грешка“.
Се чини дека Трамп му дава на Путин „слободна пропусница додека Русија продолжува со сајбер операции и напади против критичната американска инфраструктура“, додаде Шумер.