Холандската влада соопшти дека нема да воведе национални санкции против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, оценувајќи дека таквата мерка не е „доволно оправдана“.
Во одговор објавен на 1 мај на веб-страницата на Претставничкиот дом на холандскиот парламент, се наведува дека национални мерки може да се преземат само кога постои сериозна закана по јавниот ред, што според Владата, во овој случај не е исполнето.
Сепак, Владата потсетува дека на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ на 14 април поддржала предлог за санкции од страна на Унијата, согласно иницијативата на европратеничката Кати Пири и други од групата „ГроенЛинкс-Пвда“.
Исто така, Холандија останува отворена за разгледување на други опции преку соработка со земјите од Бенелукс, како што е дополнително суспендирање на ЕУ-финансирање за проекти во Република Српска.
Според холандската влада, постапување преку Европската унија е поефикасен пристап кога станува збор за ваков тип мерки.