Приходите на Nvidia нагло скокнаа на почетокот на годината

Приходите на американскиот технолошки гигант Nvidia значително се зголемија во првиот фискален квартал, и покрај ограничувањата за извоз на напредни чипови во Кина.
Фото: EdTech Stanford University School of Medicine/Flickr

Во трите месеци што завршија во април, приходите на Nvidia достигнаа 44,1 милијарди долари, што претставува пораст од 69 проценти во однос на истиот период минатата година, се наведува во деловниот извештај објавен вчера.

Нето добивката порасна за 26 проценти и изнесуваше 18,8 милијарди долари.

Регулативни ограничувања

На почетокот на април, американската влада ја информираше Nvidia дека за извоз на нејзиниот чип за вештачка интелигенција H20 во Кина, вклучително и Хонг Конг, ќе биде потребна лиценца „во догледна иднина“, стои во извештајот на менаџментот.

Овие регулативни мерки ја чинеа компанијата 4,5 милијарди долари поради зголемени обврски за залихи и набавки. Дополнително, приходите беа намалени за 2,5 милијарди долари како резултат на новите ограничувања.

Менаџментот проценува дека во вториот фискален квартал, што завршува во јули, овие извозни ограничувања ќе влијаат врз приходите со дополнителен пад од околу 8 милијарди долари.

Закрепнување од кинескиот предизвик

Сепак, прогнозите се оптимистички. Приходите на Nvidia во вториот квартал се очекува да достигнат 45 милијарди долари, што би било за 50 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Овие резултати сигнализираат закрепнување од ударот што компанијата го претрпе на почетокот на годината, по појавата на кинеската апликација за генеративна интелигенција DeepSeek. Според компјутерски научници, оваа апликација бара значително помалку чипови и троши многу помалку енергија, поради што цената на акциите на Nvidia накратко падна за 17 проценти кон крајот на јануари.

„Глобалната побарувачка за нашата вештачка интелигенција е исклучително силна“, изјави основачот и извршен директор на Nvidia, Јенсен Хуанг, додавајќи дека очекува ваквиот тренд да продолжи и понатаму.

Зачлени се на нашиот е-билтен