Чешка ја обвини Кина за кибернапад врз дипломатската комуникациска мрежа

Чешката влада денес ја обвини Кина за кибернапад врз доверливата комуникациска мрежа на Министерството за надворешни работи, при што кинески хакери две години ја следеле електронската пошта на чешките дипломати.

„Овие активности траат од 2022 година. Засегната е институција што е дел од критичната инфраструктура на Чешка. Нападите ги спроведе хакерската група за сајбер шпионажа APT31, која е јавно поврзана со Министерството за државна безбедност на Кина“, се наведува во соопштението објавено од владата.

Властите остро ги осудија овие активности, а министерот за надворешни работи, Јан Липавски, го повика кинескиот амбасадор во Прага на разговор, при што му беше врачена официјална протестна нота. На Кина ѝ беше упатен повик да престане со такви активности.

„Кина го поткопува нашето општество преку манипулации, пропаганда и кибернапади. Напаѓачите беа идентификувани во текот на нападот. Нашите безбедносни институции интервенираа, ја истражија ситуацијата, и сега ја изнесуваме вистината во јавност. Веќе воведовме нов комуникациски систем во министерството“, напиша Липавски на мрежата X. Тој додаде дека Чешка добила поддршка од своите сојузници.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата со загриженост го следи зголемувањето на штетните сајбер активности од страна на Кина. Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека Унијата застанува цврсто на страната на Чешка.

Чешките безбедносни служби веќе ги споделија релевантните информации за инцидентот со своите партнери во Европската Унија и НАТО.

Зачлени се на нашиот е-билтен