Иран погуби маж осуден за шпионажа за Израел

Иранските власти погубија маж осуден за шпионажа во корист на Израел, соопштија денес државните медиуми.

Според информациите, 41-годишниот Педрам Мадани бил обесен откако Врховниот суд на Иран ја потврдил смртната казна изречена од понискиот суд.

Официјалната новинска агенција ИРНА извести дека Мадани патувал во Израел, каде што се сретнал со припадници на израелската разузнавачка служба Мосад и им предал доверливи информации поврзани со објекти во Иран каде што била инсталирана стратешка опрема.

Иако не беа објавени конкретни детали за природата на информациите, се наведува дека Мадани примал девизи и криптовалути како надомест за шпионажата. Дополнително, се тврди дека тој остварил контакт со израелските разузнавачи и во амбасадата на Израел во Белгија.

Израелските власти не дадоа коментар во врска со случајот.

Мадани беше уапсен во 2020 година, а неговото погубување е најнов случај во серијата судски постапки против лица обвинети за соработка со странски разузнавачки служби.

Зачлени се на нашиот е-билтен