Стелантис назначи нов генерален директор – Антонио Филоза ќе го наследи Карлос Таварес

Автомобилскиот концерн Стелантис го именува Италијанецот Антонио Филоза за нов извршен директор, откако Карлос Таварес поднесе оставка во декември минатата година.

Во соопштението објавено денес, компанијата наведе дека одлуката за назначување на Филоза е донесена едногласно од одборот на директори, врз основа на темелна селекција спроведена од специјален комитет кој ги разгледал сите внатрешни и надворешни кандидати.

Антонио Филоза има 25-годишно искуство во автомобилската индустрија. Досега беше раководител на „Стелантис“ за Северна и Јужна Америка, а како главен оперативен директор во Јужна Америка постигна значајни резултати — го позиционираше „Фиат“ како водечки бренд на локалниот пазар и ги зацврсти позициите на „Пежо“, „РАМ“ и „Џип“.

Филоза официјално ќе ја преземе функцијата на 23 јуни, а пред тоа ќе биде одржано собрание на акционерите.

„Стелантис“ е еден од најголемите автомобилски концерни во светот, во чиј состав влегуваат брендовите „Абарт“, „Алфа Ромео“, „Крајслер“, „Ситроен“, „Доџ“, „ДС“, „Џип“, „Фиат“, „Ланчија“, „Масерати“, „Опел“, „Пежо“, „Рам“, „Воксхал“, како и компанијата за споделување автомобили „Free2Move“ и лизинг-компанијата „Leasys“.

Зачлени се на нашиот е-билтен