И Белгија разгледува опции за сместување на нерегуларни мигранти во земји за Западен Балкан

Белгија
Министерката за азил и миграција на Белгија, Анлин Ван Босујт, во „12 минути со“ на „Еуроњуз“

Белгија бара сместување на странски затвореници во странство како дел од нејзиното ограничување на миграцијата и е отворена за партнерства со земјите од Западен Балкан и пошироко, изјави министерката за азил и миграција на земјата, Анлин Ван Босујт, за интервјуто на програмата „12 минути со“ на „Еуроњуз“.

На прашањето за нејзината неодамнешна мисија во Албанија и Косово за да истражи изнајмување затворски простор за сместување на нерегуларни мигранти осудени за кривични дела во Белгија, Ван Босујт рече: „Разгледуваме секое можно решение за зголемување на стапката на враќање. Тоа е една од можностите што ја разгледуваме заедно со министерството (за правда).“

Таа објасни дека разговорите со Албанија имаат за цел сместување на албански државјани кои моментално се наоѓаат во белгиските затвори, додека во Косово, нејзината влада бара сместување на „луѓе кои нелегално престојуваат во Белгија, но во нашите затвори“, без оглед на нивната националност.

Данската влада веќе тестира таков план, испраќајќи странци на кои им е наредено да ја напуштат земјата за да ги отслужат своите казни во Косово, од каде што се очекува да бидат вратени во нивните земји на потекло.

Западен Балкан се појави како место за истражување за она што ЕУ го опишува како „иновативни“ решенија за миграцијата, при што Италија минатата година отвори први центри за притвор на мигранти на албанска територија. Сепак, центрите се соочија со бројни правни предизвици и критики за човекови права.

Ван Босујт, исто така, изрази отвореност за истражување партнерства надвор од Западен Балкан.

„Бевме таму (во Албанија и Косово), разговаравме со одговорните министри, но можеби во иднина ќе има и други можности или земји“, рече таа. „Но, важно е да се види каде можеме да имаме ваков вид решение.“

Притисната за тоа дали нејзината влада би разгледала слични решенија за мигрантите кои престојуваат во Белгија нерегуларно, но не се осудени за кривични дела, Ван Босујт рече дека Белгија би можела да ја истражи можноста за користење на нов договор на ЕУ што им дозволува на земјите-членки да испраќаат мигранти во таканаречени „центри за враќање“ во трети земји.

Предлогот, дел од напорите на ЕУ за забрзување на враќањето на нерегуларните мигранти, би можел да доведе до тоа луѓето чии барања за азил се одбиени да бидат вратени во кампови во земји со кои немаат врска, но кои се сметаат за „безбедни“ од страна на блокот.

„Тоа е местото (Западен Балкан, н.з.) каде што го разгледуваме на европско ниво со регулативата за враќање и можноста за центри за враќање. Мислам дека таму може да има можност“, рече таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен