Благодарение на напредокот во ДНК технологијата, идентификувани се посмртните останки на тројца жртви од терористичките напади на 11 септември 2001 година.
Властите во четвртокот потврдија дека се идентификувани останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионерка и поранешна директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг, како и на уште една жена чиј идентитет се чува во тајност по барање на нејзиното семејство.

Останките биле идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на остатоците пронајдени во урнатините по нападите. Посмртните останки на Китинг и на жената чиишто податоци не се откриваат, биле пронајдени уште во 2001 година, додека останките на Фицџералд биле пронајдени следната година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк.
За потсетување, во нападите на 11 септември 2001 година два киднапирани авиони удрија во Близначките кули во Њујорк, третиот во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно загинаа 2.977 лица, од кои 2.753 во Њујорк.