Илјадници протестираат против прекумерниот туризам во Шпанија и Италија

Илјадници демонстранти денес излегоа на улиците на градовите ширум Шпанија и Италија, изразувајќи незадоволство од прекумерниот туризам и неговото влијание врз локалните заедници. Главниот протест се одржа во Барселона, каде граѓаните маршираа со транспаренти со пораки како: „Масовниот туризам го убива градот“ и „Нивната алчност ни носи пропаст“, пренесе Ројтерс.

Организаторите на протестите предупредуваат дека неконтролираниот раст на туризмот придонесува за драстично зголемување на цените на недвижностите и принудна преселба на локалното население. Барселона, град со 1,6 милиони жители, минатата година привлекол околу 26 милиони туристи – бројка што, според демонстрантите, станува неодржлива.

Градските власти соопштија дека околу 600 луѓе официјално учествувале на денешниот протест во Барселона, но според снимки од теренот, се проценува дека бројката била значително поголема.

Слични демонстрации се одржаа и во други туристички жаришта во Шпанија, меѓу кои Ибица, Малага, Палма де Мајорка, Сан Себастијан и Гранада. Во Италија, протести беа организирани во Џенова, Неапол, Палермо, Милано и Венеција – град кој веќе воведе ограничувања за туристите, вклучително и дневна такса за влез во центарот.

Во Лисабон, Португалија, денес исто така е закажан протест на слична тема, што укажува на поширок европски тренд на отпор против масовниот туризам и неговото влијание врз урбаното живеење.

Зачлени се на нашиот е-билтен