Има ли ЕУ уште ефикасни средства за да ѝ наштети на Русија?

Со оглед на тоа што мастилото сè уште се суши на најново потпишаниот 17-ти пакет санкции на Европската Унија кон Русија, веќе се работи на следниот чекор за кој европските лидери велат дека ќе биде „огромен“, пишува Радио Слободна Европа.

Но, некои аналитичари предупредуваат дека, во многу погледи, ЕУ веќе ги искористи своите најдобри карти и нема многу што ѝ останале во рацете, особено во време кога Вашингтон се чини дека не сака да се вклучи, додека ги поттикнува мировните преговори меѓу Киев и Москва.

„Картите што сè уште треба да ги играме во голема мера вклучуваат мерки за кои би ни биле потребни САД“, изјави за РСЕ Бенџамин Хилгенсток, виш економист во Институтот КСЕ со седиште во Киев.

„Поточно, ова би се однесувало на отстранување на руската нафта и гас од глобалните пазари по обем“, рече тој, додавајќи дека земји како Индија, Кина и Турција нема да престанат да купуваат руски фосилни горива без „тежината“ на секундарните санкции на САД.

Европските лидери ѝ се заканија на Русија со „масивни“ санкции на 10 мај, доколку Москва не се согласи на 30-дневниот прекин на огнот предложен од Вашингтон. Тие рекоа дека го изнесуваат своето барање откако го координирале со американскиот претседател Доналд Трамп.

Требаше да изгледа како момент што ја менува играта, но очигледниот трансатлантски договор брзо тргна наопаку.

Рускиот претседател Владимир Путин не се обврза на прекин на огнот за време на телефонскиот разговор со Трамп на 19 мај, но Трамп се пофали со повикот и не изгледаше подготвен да објави нови американски санкции, велејќи дека нивното воведување сега би можело да ги загрози разговорите и да ја направи ситуацијата „многу полоша“.


Да бидеме јасни: „масовната“ закана со санкции немаше никаква врска со 17-тиот пакет мерки на ЕУ објавен на 20 мај, бидејќи тој веќе беше во подготовка извесно време.

Празна закана?

Затоа сега, европските лидери веројатно ќе треба да направат нешто големо, сами, без вмешаност на САД – или пак се чини дека упатиле празна закана?

Литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис мисли дека можат. Тој во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека ЕУ би можела да ги удвои своите напори за извоз на енергија од Русија.

„Треба да ги запреме главните приходи во рускиот буџет и главните приходи за нивната воена машина. Ова е извозот на гас, нафта, течен природен гас (ЛНГ). Мора да ги запреме“, рече Будрис.

Но, во пракса, земји како Шпанија, Холандија и Белгија всушност увезуваат повеќе течен природен гас сега, отколку пред една година.

Бадрис тврди дека има многу алтернативи на глобалниот пазар.

„Постојат гласови кои велат: „О, тие се премногу скапи и ќе нè чинат премногу, не можеме да си го дозволиме ова“. Гледајте, ние (Литванија) веќе го направивме ова“, додаде литванскиот шеф на дипломатијата.

Но, аргументите за цената илустрираат дека самоштетните влијанија на санкциите ја попречувале ЕУ во минатото – и може да го сторат тоа и во иднина.

Санкциите ќе бидат „масивни, само кога ќе бидеме подготвени да одиме подалеку отколку што би сакале. Со тоа мислам, само кога сме подготвени да воведеме санкции што имаат одреден степен на негативен ефект врз нашите сопствени економии“, изјави Том Китинџ од Кралскиот институт за обединети услуги (РУСИ) со седиште во Лондон за РСЕ.

Удар врз извозот на енергија

Хилгенсток прави разлика помеѓу земјите што користат руски течен природен гас (ЛНГ) од економски причини и земјите како Унгарија и Словачка кои би се спротивставиле на забраната за увоз поради нивните блиски политички односи со Москва.

Дури и ако економските приговори можат да се надминат, политичките размислувања можат да го одложат или комплицираат значителното заострување на санкциите во оваа област.

Владимир Путин, Доналд Трамп и Володомир Зеленски (илустрација)
Видете и ова:
По телефонскиот разговор со Путин, Трамп вели дека Москва и Киев „веднаш“ ќе започнат директни разговори
Европските лидери сугерираа дека следниот пакет санкции ќе го вклучи енергетскиот сектор, но тоа е широк поим.

Некои предложија и финансиски мерки.

„Релативно е нејасно за што всушност зборуваат“, вели Хилгенсток, кој е исто така и соработник во Германскиот совет за надворешни односи.

„Дали претеруваат со она што можат да го испорачаат? Мислам дека е така“, вели тој.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, даде некои индикации за тоа што може да се случи следно во коментарите на 16 мај.

„Тоа ќе ги вклучува повеќе бродови од руската флота во сенка“, рече таа, осврнувајќи се на бродовите без јасна сопственост што се користат за избегнување на ограничувањата за руска нафта и нафтени производи.

Седумнаесетиот пакет санкции и британските мерки објавени истиот ден, веќе додадоа десетици бродови на листата на санкции, следејќи го моделот на претходните пакети. Како такво, додавањето нови бродови би изгледало како понатамошна кумулативна акција, а не како нешто смело и ново.

„Само празни муабети, без конкретна акција“

Фон дер Лајен, исто така, спомена намалување на ограничувањето на цената на руската нафта, уште една казнена мерка наметната по целосната инвазија на Русија во Украина во 2022 година. Но, и ова ќе бара согласност од САД за глобално спроведување.

Три години санкции имаа големо влијание врз руската економија, но не ја запреа агресијата на Москва.

Сепак, објавувајќи ги најновите мерки, европските политичари делуваат решително.

Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами, го нарече Путин „военоподбуцнувач“, и го повика да се согласи на 30-дневниот прекин на огнот, додавајќи дека „одложувањето на мировните напори само ќе ја удвои нашата решителност да ѝ помогнеме на Украина да се одбрани и да ги искористи нашите санкции за да ја ограничи воената машина на Путин“.

Шефицата за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас, напиша на социјалните медиуми дека „се работи на повеќе санкции врз Русија“.

Китинџ предупредува дека непочитувањето на вистински влијателните санкции ризикува да го поткопа кредибилитетот на Европската Унија.

„Тоа им дава многу муниција на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и на другите во основа да кажат, еве Европејците само муабетат, а ништо не прават“.

И Хилгенсток се согласува.

„Го гледаме одговорот на Владимир Путин, или поточно, неодговорот на овој ултиматум“, вели тој, осврнувајќи се на изјавата од 10 мај за „масивни“ санкции.

„Тоа јасно става до знаење што мисли руската страна“, заклучува Хилгенсток.

Зачлени се на нашиот е-билтен