Инфлацијата во САД се зголемува, но ефектот од новите царини засега е ограничен

Инфлацијата во САД достигна 2,4% во мај, нешто повисоко од 2,3% во април, покажуваат најновите податоци на американското Министерство за труд. Иако некои цени значително се зголемија, целокупниот ефект од новите царини воведени од администрацијата на Доналд Трамп останува пригушен.

Цените на играчките, автомобилските делови и големите апарати за домаќинство забележаа раст, додека цените на бензинот, авионските билети и облеката паднаа, делумно амортизирајќи го вкупниот ценовен притисок врз потрошувачите.

Откако Трамп повторно ја презеде функцијата претседател во јануари, тој воведе нови царини за увозни производи од целиот свет, вклучително и 10% царина за најголемиот дел од увезените стоки, како и повисоки давачки за одредени земји и сектори. Според аналитичарите, овие потези имаат потенцијал да ги зголемат трошоците за американските компании и да предизвикаат нов инфлаторен бран.

Трамп, пак, тврди дека странските компании ќе го понесат товарот на зголемените давачки, што ќе им користи на американските производители и ќе ја зајакне домашната економија.

Според извештајот за потрошувачки цени, влијанието врз американските домаќинства засега е ограничено, со месечен раст од само 0,1% во мај – што е забавување во споредба со растот од 0,2% во април. Сепак, производите како апарати за домаќинство, за кои САД се особено зависни од увоз од Кина, веќе покажуваат знаци на поскапување.

„Денешната прогноза за инфлација е смирувачка – но само до одреден степен“, изјави Сима Шах, главен глобален стратег во Principal Asset Management. Таа предупреди дека влијанието од царините можеби сè уште не е целосно рефлектирано во податоците, и оти е рано за заклучоци.

Дополнително, кириите и другите трошоци за домување пораснале за 3,6% на годишно ниво, додека цените на прехранбените производи пораснале за 2,2%, што покажува дека некои сектори веќе чувствуваат поголем инфлаторен притисок.

Зачлени се на нашиот е-билтен