Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство потврди дека министерските мировни преговори за Украина со нивните американски и европски колеги кои требаше да се одржат денеска се одложени, поради шпекулациите дека Русија се откажала од своите претензии за украинската територија што не ја окупира, и откако американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека не може да присуствува на состанокот.
Во кусото соопштение од Форин Офисот се наведува дека министерските состаноци што требаше да започнат утрово сега нема да се одржат и ќе бидат заменети со задкулисни дискусии водени од официјални лица, појаснувајќи ја внимателно формулираната изјава дадена доцна синоќа од министерот за надворешни работи Дејвид Лами по разговорот со Рубио.
Објавувајќи на социјалните мрежи непосредно пред полноќ, Лами рече дека неговите разговори со Рубио биле продуктивни, но навести дека тие ќе продолжат на пониско ниво. „Разговорите продолжуваат со брзина и официјалните претставници ќе се сретнат утре во Лондон. Ова е критичен момент за Украина, Велика Британија и евроатлантската безбедност“, рече тој.
Велика Британија стави важен акцент на разговорите, а требаше да присуствуваат и делегации од Франција и Германија, но деградацијата на разговорите доаѓа бидејќи протекоа информации кои сугерираат дека Русија е подготвена да се откаже од своите територијални претензии врз трите украински региони што само делумно ги окупира во замена за САД да ја признаат анексијата на Крим.
Рубио навести дека „ќе го одложи своето патување во ОК во наредните месеци“.
Началникот на кабинетот на Володимир Зеленски, Андриј Јермак, пристигна во Лондон придружуван од украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров и министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.
Во низата објави на социјалните мрежи, Јермак порача „и покрај се, ќе работиме за мир“.
Тој рече дека патот не е лесен, но Украина му останува лојална и дека позициите што Украина ги зазеде во претходните разговори покажуваат дека неговата земја не е пречка за мирот.