Иран до Израелците: „Избегнувајте воени и разузнавачки локации“

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги предупреди Израелците да не се приближуваат до воени и разузнавачки цели, додека Техеран продолжува со воени акции како одговор на, како што тврди, израелската агресија врз иранскиот народ.

Во објава на платформата X (поранешен Twitter), Арагчи рече дека иранските сили „прецизно“ ја погодиле израелската инфраструктура за команда, контрола и разузнавање, како и „уште една витална цел“.

Тој додаде дека нападот предизвикал „површинска штета“ на медицинскиот центар Сорока, кој, според иранските тврдења, бил користен за лекување на израелски војници повредени во Газа.

Обвинувања за напад врз болница

Израелските власти, пак, обвинија дека болницата била директна мета на ирански напад, што го оценија како грубо прекршување на меѓународното право. Иран, од друга страна, ги негира обвинувањата, инсистирајќи дека таргетот бил исклучиво воен објект во близина на болницата.

„Стотици невини Иранци беа ладнокрвно убиени откако Израел започна нелегална војна против иранскиот народ минатата недела“, изјави Арагчи.

„Нашите вооружени сили ќе продолжат да ги казнуваат криминалците кои го таргетираат нашиот народ, сè додека не застанат и не одговараат за нивната агресија“, додаде тој.

Мировни иницијативи во Женева

Иранскиот министер за надворешни работи утре ќе допатува во Женева, каде ќе се сретне со европски дипломати во обид да се разговара за начини за деескалација на конфликтот.

Еден висок дипломат изјави за CNN дека на средбата ќе се разгледуваат опции за меѓународна интервенција или посредување, со цел ставање крај на растечките тензии меѓу Иран и Израел.

Зачлени се на нашиот е-билтен