Иранската државна телевизија објави снимки за кои тврди дека се направени во областа на Ормускиот теснец, на кои се гледа како поморските сили на Иранската револуционерна гарда предупредуваат американски воен брод да се повлече, со закана дека ќе отворат оган.
Според тврдењата од Техеран, иранските воени сили претходно ја информирале преговарачката делегација дека американски разорувач се движи од пристаништето Фуџаира кон Ормускиот теснец – една од најважните поморски рути за глобалната трговија со енергенси.
Ирански извори наведуваат дека преку посредници во Пакистан било испратено јасно предупредување дека американскиот брод ќе биде цел во рок од 30 минути доколку продолжи кон теснецот.
Иранските извори тврдат дека по „одлучната реакција“ на нивните сили, американскиот разорувач го запрел движењето и се повлекол од правецот на Ормускиот теснец.
Според нив, бродот потоа го променил курсот и се оддалечил од областа.
САД со поинаква верзија
Од друга страна, американски официјални лица даваат поинаква верзија на настаните. Тие тврдат дека американските воени бродови поминале низ Ормускиот теснец кон Арапското Море, а потоа се вратиле во Заливот, нагласувајќи дека станува збор за „операција на слободна пловидба во меѓународни води“.
Дополнителна конфузија внесе и американскиот портал Axios, кој објави дека американските воени бродови првпат од почетокот на конфликтот поминале низ Ормускиот теснец, директно демантирајќи ги иранските тврдења дека разорувачот бил запрен пред преминот.
Во услови на спротивставени информации од иранските медиуми блиски до властите и американските извори, двете страни изнесуваат целосно различни верзии за ист настан.
Додека Техеран тврди дека американскиот брод се повлекол по предупредување, американските извори и Axios наведуваат дека пловидбата низ теснецот сепак се случила без инцидент.