Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Иран поставува камери на јавни места за да ги идентификува и казнува жените без хиџаб

Во нов обид за сузбивање на зголемениот број жени кои не го почитуваат задолжителниот кодекс на облекување, иранските власти поставуваат камери на јавни места и патишта за да ги идентификуваат и казнуваат жените кои не носат хиџаб, соопшти денеска локалната полиција.

Откако ќе бидат идентификувани, тие ќе добијат „СМС пораки со предупредување за последиците“, соопшти полицијата.

Целта на оваа мерка е „да се спречи отпорот против законот за хиџаб“, се вели во соопштението за печатот што го објавија државните медиуми, додавајќи дека „таквиот отпор ја оцрнува духовноста на земјата и шири несигурност“.

Сè повеќе Иранки не носат хиџаб по смртта на 22-годишна Курдка во притвор на моралната полиција минатиот септември. Махса Амини беше приведена поради наводно кршење на правилата за носење хиџаб.

Безбедносните сили насилно го задушија бунтот, но сè уште е можно да се видат жени без хиџаб во трговските центри, рестораните, продавниците и на улиците низ Иран, ризикувајќи да бидат уапсени.

На социјалните мрежи кружат видеа од жени кои се спротивставуваат на иранската морална полиција.

Во соопштението, полицијата ги повика сопствениците на бизниси „строго да го следат почитувањето на општествените норми преку нивните редовни инспекции“.

Според исламскиот шеријатски закон, наметнат по револуцијата во 1979 година, жените во Иран мора да ја покриваат косата и да носат долга, широка облека за да ги покријат своите фигури. Во спротивно, им се заканува јавна опомена, парична казна или апсење.

Опишувајќи го хиџабот како „еден од цивилизациските основи на иранската нација“ и „еден од практичните принципи на Исламската република“, во соопштението на Министерството за внатрешни работи од 30 март се посочува дека нема да има отстапки по ова прашање.

Министерството ги повика граѓаните да се соочат со жените кои не носат хиџаб. Ваквите упатства во минатото ги охрабруваа тврдокорните да ги напаѓаат жените. Минатата недела беше објавено видео од маж како фрла јогурт на две жени без хиџаб во самопослуга

Зачлени се на нашиот е-билтен