Иран предупреди дека ќе одговори на повторното воведување санкции поради нуклеарната програма

Иран ќе одговори на секое можно повторно воведување на санкции поради неговата нуклеарна програма, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, не прецизирајќи какви чекори би можел да преземе Техеран.

Минатата недела, француски дипломатски извор за агенцијата Reuters изјави дека европските земји ќе мора да ги обноват санкциите на ОН против Иран преку т.н. „snapback механизам“, доколку не се постигне нов договор кој ќе ги гарантира безбедносните интереси на Европа.

Овој механизам се однесува на Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН, која е дел од нуклеарниот договор потпишан во 2015 година (JCPOA) и овозможува автоматско повторно активирање на претходните санкции доколку Иран значително отстапи од преземените обврски.

„Нема правна ниту политичка основа“

Портпаролот Есмаил Багаеи изјави дека „заканата со користење на овој механизам нема ниту правна, ниту политичка основа“ и дека Исламската Република ќе одговори на соодветен и пропорционален начин.

Тој ги обвини европските земји дека сериозно ги прекршиле своите обврски според договорот:

„Тие постојано се обидуваат да го користат овој механизам како средство за притисок, иако самите не ги исполнија своите обврски. Немаа ниту законско, ниту морално право да го активираат“, рече Багаеи.

Потсетување на договорот од 2015 година

Согласно Заедничкиот сѐопфатен акциски план (JCPOA) од 2015 година, Иран прифати да го ограничи својот нуклеарен програм, а за возврат му беа укинати меѓународните санкции.

Западот го обвинува Иран дека се обидува да произведе нуклеарно оружје, нешто што Техеран постојано го негира.

САД, Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Кина беа потписнички на договорот, но САД се повлекоа во 2018 година, кога тогашниот претседател Доналд Трамп го оцени договорот како „слаб“ и недоволен за да го спречи Иран во развојот на нуклеарна бомба.

Портпаролот Багаеи додаде дека сѐ уште не е утврден датум, ниту место за евентуално продолжување на преговорите помеѓу САД и Иран за иднината на нуклеарниот договор.

Зачлени се на нашиот е-билтен