Централната воена команда на Иран во понеделник предупреди дека доколку неговите противници нападнат цивилни цели, одговорот ќе биде „многу поразорен и далекусежен“.
Портпаролот на Централната команда на Хатам ал-Анбија ја објави изјавата преку државниот радиодифузер IRIB на Телеграм.
Предупредувањето е директен одговор на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги уништи иранските електрани и мостови доколку Техеран не го отвори Ормутскиот теснец за бродови.
Во меѓувреме продолжуваат нападите на терен. Најмалку 15 лица беа убиени во Иран и Израел во меѓусебни напади на силите на двете земји синоќа, објавија утрово иранските и израелските медиуми, како и Црвената Давидова ѕвезда.
Најмалку 13 лица беа убиени во нападите на израелските воздухопловни сили врз станбена зграда југозападно од Техеран, меѓу кои и шест деца под 10 години, објавија Фарс и Нур њуз. Како што е наведено, сè уште не е познато зошто токму таа зграда беше цел на нападот, а се додава дека ниту Ерусалим ниту Вашингтон сè уште не ја презедоа одговорноста за нападот. Иранските медиуми тврдат дека делови од Техеран останале без снабдување со гас по нападот врз бензинската пумпа на Универзитетот Шариф, која исто така беше цел на нападот.
Во исто време, во израелскиот град Хаифа, телата на најмалку две лица беа извлечени од под урнатините на зграда што беше погодена од иранска балистичка ракета, објавува „Тајмс оф Израел“.
Се стравува дека уште најмалку две лица се уште се заробени под урнатините. Противпожарната и спасувачка служба објави дека поминала часови обидувајќи се да ги извлече луѓето оттаму, за кои подоцна се покажало дека се мртви, и дека операцијата за спасување на преостанатите е во тек.