Иран синоќа изврши одмазднички ракетни напади врз Израел, како одговор на масовните израелски воздушни удари врз иранска територија, кои Техеран ги оцени како „објава на војна“. Нападите доведоа до повреди, предизвикаа материјална штета и иницираа меѓународни повици за деескалација, јави ДПА.
Израелската армија соопшти дека детектирала лансирање на ирански ракети кон Израел, при што сирените за воздушна тревога се огласиле во неколку делови од земјата.
Иранската државна новинска агенција ИРНА објави дека Техеран лансирал „стотици ракети“ во три брана, насочени кон десетици воени цели и воздухопловни бази, во операција наречена „Вистинско ветување 3“, потврдена од Иранската револуционерна гарда.
Израелските одбранбени системи регистрираа експлозии од пресретнувања или директни погодоци, а населението беше повикано да се евакуира во најблиското засолниште. Иранските медиуми известија за напади во Тел Авив и Ерусалим, додека израелските служби за итни случаи пријавија неколкумина повредени.
– На Израел му претстои „мрачна ноќ“, изјави неименуван висок ирански претставник за Си-Ен-Ен, откако вечерва двете земји меѓусебно извршија напади. – Операциите на вооружените сили на Иран против позициите на ционистичкиот режим ќе продолжат, и овој режим се соочува со мрачна ноќ, изјави претставникот.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Иран вечерва „ги преминал црвените линии“ со лансирањето ракети врз цивилни населени центри и вети дека Техеран „ќе плати многу висока цена“ за своите акции.
Израелските напади врз Иран, кои почнаа утрово, беа насочени кон градови, нуклеарни објекти, воени команданти и врвни научници, при што беа елиминирани високи воени фигури, вклучително командантот на Револуционерната гарда, генерал-мајор Хосеин Салами, и командантот на воздухопловните сили на Гардата, бригаден генерал Амир Али Хаџизаде. Убиени се и најмалку шест истакнати ирански научници, вклучително нуклеарни експерти.
Првиот бран напади во текот на ноќта предизвика силни експлозии во Техеран, а нуклеарниот објект во Натанц беше меѓу целите. Подоцна во текот на денот, иранските медиуми известија за нови напади во градовите Табриз и Шираз, како и повторно во Натанц. Во вечерните часови, агенцијата Мехр јави за активирање на противвоздушната одбрана јужно од Техеран и експлозии во западниот дел на градот, во близина на популарен парк.
Натанц е главниот објект на Иран за збогатување ураниум со голем обем, кој има десетици илјади центрифуги, кои се клучни за зголемување на резервите на високо збогатен ураниум. Доколку се прекине овој процес, прекината е и иранската нуклеарна програма.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападите, наречени „Операција Изгрејсонце“, имаат за цел елиминирање на иранската нуклеарна закана и ќе продолжат „онолку денови колку што е потребно“. Министерот за одбрана Израел Кац прогласи вонредна состојба во земјата поради ризикот од одмазда, а Израел ги затвори сите свои амбасади и конзулати низ светот.
Според израелските медиуми, претходниот бран од 100 ирански дронови кон Израел бил одбиен.
Иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи во телевизиско обраќање вети дека „израелскиот режим ќе биде уништен“ и дека нема да има занемарување по масовните напади. Тој ги нарече израелските акции „злобни“ и истакна дека биле погодени станбени области, потврдувајќи ги загубите на неколку команданти и научници, наречени „маченици“.

ИРНА соопшти дека во нападите загинале 18 лица, додека локални медиуми известуваат за 96 убиени, од кои 78 во провинцијата Техеран и 18 во Источен Азербејџан.
Советот за безбедност на ОН закажа седница во Њујорк во 15:00 часот по локално време (19:00 GMT), на барање на Русија, поддржана од Кина, откако Иран формално побара итна средба. Меѓународната заедница изрази загриженост поради ескалацијата.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на максимална воздржаност и деескалација, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја нарече акцијата „еднострана“ и побара сојузниците, вклучително САД, да работат на смирување. Русија ги осуди нападите како „сериозна ескалација“, а Египет ги нарече „екстремно опасна регионална ескалација“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД не биле вклучени во нападите и го предупреди Техеран да не таргетира американски персонал во регионот. Претседателот Доналд Трамп рече дека иако САД не биле предупреди, тие биле свесни за плановите на Израел да изврши напади врз Иран.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, го информираше израелскиот претседател Ицак Херцог дека нуклеарниот објект во Натанц претрпел „сериозна штета“, но иранските власти тврдат дека немало радиоактивно загадување или хемиски истекувања. МААЕ потврди дека нивото на радијација во Натанц не е покачено, а фабриката за збогатување ураниум, оддалечена 150 километри јужно од Техеран, не била погодена од нападите.