Иранците кои се против режимот во Исламската република денеска ја одбележуваат првата годишнина од смртта на младата Махса Амини, која беше приведена поради наводно кршење на иранските правила за облекување на жените.
На годишнината, активистите велат дека властите преземаат мерки за да ги спречат луѓето повторно да протестираат против режимот. Смртта на младата жена предизвика невиден бран протести во Иран минатата година.
Махса Амини имаше 22 години. Таа беше иранска Курдка. Нејзините роднини велат дека починала како резултат на удар во главата што и бил нанесен во притвор. Властите ја демантираат оваа верзија.
На протестите кои следеа по смртта на Махса учествуваа многу жени кои одбија да се покријат како што налага иранскиот кодекс на облекување.
Меѓутоа, по неколку месеци, протестите го загубија својот замав пред репресијата од властите, при што беа убиени 551 демонстрант, меѓу кои 68 деца, според податоците на Иранската организација за човекови права со седиште во Норвешка. Според „Амнести интернешнел“, повеќе од 22.000 луѓе се уапсени.