Во Атлантскиот Океан исчезна подморница која се користела за превезување луѓе кои сакале да ги видат остатоците од потонатиот брод Титаник, по што започнала потрага и акција за спасување, јави денеска Би Би Си. Бостонската крајбрежна стража соопшти дека операцијата е во тек.
Потврдено е дека во подморницата се наоѓале пет лица, од кои едното е член на екипажот, објави Гардијан.
Засега не се знае кои се останатите четири лица. Како што пишува Фокс њуз, подморницата е дизајнирана сама да излезе на површина во случај на какви било технички проблеми. Затоа во моментов по неа трага и авион Ц-130.
„Старлинк“ на Илон Маск го обезбедува интернетот и комуникацискиот систем на подморницата, засега не е познато дали тоа има некаква врска со исчезнувањето на подморницата.
Не се знае кој точно се наоѓа во подморницата. Но, британскиот истражувач Хамиш Хардинг вчера изјави дека ќе се приклучи на најновата експедиција на OceanGate на Титаник, јавува Би Би Си.
Тој на Фејсбук и на другите социјални медиуми објави дека првото нуркање било направено во неделата.
Според него, во подморницата се наоѓаат неколку легендарни истражувачи, од кои некои направиле повеќе од 30 нуркања до Титаник од 1980-тите.
Хардинг напиша дека ова патување најверојатно ќе биде првата и единствена мисија со екипаж на Титаник оваа година поради тешките временски услови.
Остатоците од познатиот брод се наоѓа на длабочина од 3.800 метри на дното на Атлантикот. Се наоѓа на околу 600 километри од брегот на Њуфаундленд во Канада.