Долниот дом на британскиот парламент со огромно мнозинство гласови – 379 “за” и 137 “против” – ја изгласа декриминализацијата на абортусот во Англија и Велс, во одлука што се смета за најзначајна реформа во областа на репродуктивните права во последниве децении.
Со оваа промена, која беше иницирана од пратеничката на Лабуристичката партија, Тониа Антониаци, жените повеќе нема да се соочуваат со истраги, апсења и затворски казни за дејствија поврзани со сопствената бременост. Законот задржува санкции за насилни партнери и здравствени работници што би постапиле надвор од законскиот рамки.
Според важечкиот закон, абортусот е дозволен до 24. недела со одобрение од двајца лекари, но сепак технички се смета за кривично дело. Последниве години, бројот на жени што биле кривично гонети поради абортус се зголеми, вклучувајќи и случаи на спонтани абортуси и мртвородени деца.
Реформата ја поздравија бројни здравствени и граѓански организации, како и јавноста, која во голем дел ја поддржува слободата на жените во пристап до безбеден абортус. Оваа промена следи по декриминализацијата на абортусот во Северна Ирска во 2019 година.