Историски успех: Телескопот „Џејмс Веб“ за првпат направи директна фотографија на егзопланета

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА го постигна својот најнов голем успех, направувајќи ја првата директна фотографија на егзопланета – планета што орбитира околу ѕвезда надвор од нашиот Сончев систем.

Егзопланетата „TWA7b“ е забележително помала од другите егзопланети кои биле досега набљудувани преку директно снимање. Таа има маса приближна на онаа на Сатурн и е оддалечена околу 100 светлосни години од Земјата. Се наоѓа во многу млад планетарен систем, стар само шест милиони години, што на научниците им дава исклучителна можност да ги истражат раните фази на планетарниот развој. За споредба, староста на нашето Сонце се проценува на околу 4,6 милијарди години.

Обично егзопланетите се откриваат со индиректни методи, бидејќи сјајот на нивните ѕвезди го отежнува или сосема го спречува нивното директно набљудување. Тимот истражувачи предводен од д-р Ан-Мари Лагранж успеал да го надмине овој проблем со нова техника која значително ја намалува светлината од матичната ѕвезда, овозможувајќи јасен поглед на околните небесни тела.

На фотографијата, „TWA7b“ изгледа како мала, светла точка придружена со тесен прстен од остатоци. Истражувачите велат дека, иако постои минимална шанса ова да е галаксија во позадина, сите досегашни докази силно укажуваат дека станува збор за новооткриена планета.

Од откривањето на првата егзопланета во 1992 година, досега се идентификувани околу 6.000, но многу ретко тие се набљудувани директно. Телескопот „Џејмс Веб“, покрај ова историско достигнување, неодамна сними и други значајни феномени, меѓу кои и Ајнштајновиот прстен и најоддалечената галаксија досега забележана во вселената.

Зачлени се на нашиот е-билтен