Италија бележи рекорден пад на наталитетот, што сериозно влијае на пазарот на производи за деца. Компаниите се принудени да се приспособат на новата старосна структура на земјата која се наоѓа пред демографска катастрофа.
Во Италија, минатата година се родиле само 370.000 бебиња, што претставува најниска бројка во историјата. Со стапка на фертилитет од 1,18, која е под нивото на проста репродукција на населението, земјата се соочува со една од најдлабоките демографски кризи во Европа.
Некогашниот раст на индустријата за колички, кревети и играчки во покраината Бергамо денес се сведува на преживување. Во поранешното индустриско јадро останале само два производители на опрема за деца.
Компанијата Foppapedretti, основана во 1945 година, успева да опстане благодарение на навремената диверсификација, иако денес продава само една третина од бројот на детски кревети што ги продавала порано. Приходот на компанијата од околу 45 милиони евра останал стабилен во последните пет години.
„Уште во осумдесеттите години на минатиот век сфативме дека нè чека демографски пад“, изјави директорот на компанијата, Луќано Бонети.
Другиот преостанат производител во секторот, Cam – Il Mondo del Bambino, неодамна договори со синдикатите доброволен заминување на 35 од вкупно 140 работници.
Синдикатите предлагаат премин на производство на колички за домашни миленици или за постари лица, но компанијата предупредува дека овие пазари веќе се презаситени и многу барани, особено сегментот на медицински помагала за стари лица.
Според Адриана Гејперт од синдикатот Fiom Cgil, секторот за производи за деца изгубил повеќе од 35% од пазарот во последните две децении. Дополнителен удар му нанеле и кинеските конкуренти, чии ниски цени тешко ги следат домашните производители.
Во обид да привлечат внимание на јавноста, група производители во 2023 година дури снимија краток дистописки филм за Италија во 2050 година, во кој се раѓа само едно бебе годишно прикажувајќи ја сериозноста на оваа демографска катастрофа.
„Пораката е јасна – тоа што (не) го правиме денес има долгорочни последици“, предупреди професорот по демографија, Алесандро Розина, кој учествуваше во снимањето на филмот.
Рекламите за пелени за бебиња полека исчезнуваат од телевизија, а нивното место го заземаат огласите за производи за инконтиненција. Демографијата го менува пазарот и опстанокот на компаниите сега зависи од тоа колку брзо и паметно ќе успеат да се прилагодат на новата старосна структура на Италија, која денес има највисока просечна возраст во ЕУ – 48,7 години.