Затворите во Италија се соочуваат со сериозен проблем со пренатрупаност, поради што Министерството за правда размислува да ослободи околу 10.000 затвореници, што претставува приближно 15 проценти од вкупната затворска популација. Оваа мерка има за цел да го намали притисокот врз капацитетите на затворите и да ги подобри условите за живот на затворениците.
Според соопштението од Министерството, околу 10.105 затвореници „потенцијално ги исполнуваат условите“ за алтернативни мерки, како што се домашен притвор или условна казна. Овие мерки ќе важат за оние чии казни се конечни и не може повеќе да се жалат, како и за оние кои имаат помалку од две години до крајот на казната и немаат прекршено дисциплински правила во последните 12 месеци.
Сепак, оваа одлука нема да се однесува на лица осудени за сериозни кривични дела како тероризам, организиран криминал, силување, шверц со мигранти и киднапирање, посочува Министерството.
Италија спаѓа во земјите со најпренатрупани затвори во Европа, со стапка на пополнетост од 122 проценти, според базата на податоци World Prison Brief. Единствено Кипар, Франција и Турција имаат поголема стапка на пренатрупаност во Европа.
Тешките услови во затворите во Италија привлекоа внимание поради зголемувањето на бројот на самоубиства и поплаките од затворениците за високите летни температури во објектите што немаат клима-уреди.
Иако предвременото ослободување на затворениците е чувствителен политички потег, Министерството за правда нагласува дека нема да се случи одеднаш. За таа цел, формирана е работна група која ќе соработува со затворите и судиите за условна слобода, со цел да се олеснат одлуките за поединечни случаи. Ова тело ќе се состанува еднаш неделно и ќе известува за својата работа до септември.