Италијанскиот парламент усвои закон за фемицид: За сторителите предвидена доживотна казна затвор

Италијанскиот парламент едногласно го усвои новиот закон со кој фемицидот се дефинира како посебно кривично дело, за кое е предвидена доживотна казна затвор.

Законот, пренесува агенцијата Анса, предвидува построги услови за осудените лица за фемицид, како и засилени образовни програми и иницијативи за подигнување на јавната свест во борбата против насилството засновано на родови прашања.

Донесувањето на законот е симболично – тој беше изгласан на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.

Поттик за ова законско решение беше убиството на 22-годишната Ѓулија Чекетин, која во 2023 година беше убиена од поранешниот партнер, случај што силно ја потресе италијанската јавност и го отвори прашањето за системското родово насилство.

Премиерката Џорџа Мелони го предложи законот, кој доби поддршка и од власта и од опозицијата. Новата правна рамка утврдува дека убиството на жена ќе се квалификува како фемицид доколку произлегува од омраза, дискриминација, доминација или контрола врз жртвата, вклучително и ситуации на прекин на врска или ограничување на личните слободи.

Според податоците на италијанската полиција, минатата година биле убиени 116 жени. Со овој закон, Италија се приклучува на земјите од ЕУ кои веќе имаат дефинирано фемицид како посебно кривично дело, меѓу кои Кипар, Малта и Хрватска.

Родителите на жртвите, меѓу кои и таткото на Ѓулија, Ѓино Чекетин, нагласуваат дека клучен сегмент во борбата против насилството е образование на младите за почитување и родова еднаквост. Стручњаците, пак, предупредуваат дека законот е значаен чекор, но дека сам по себе не е доволен без поширока општествена и економска поддршка во надминување на родната нееднаквост.

Законот беше усвоен едногласно, а седницата заврши со аплауз од пратениците.

Зачлени се на нашиот е-билтен