Владата на Израел, предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху, одобри зголемување на државниот буџет за 2025 година за повеќе од 30 милијарди шекели (околу 8,9 милијарди долари) со цел да се покријат дополнителните трошоци од војната со Иран и тековните борби во Газа.
Според соопштение на Министерството за финансии, најголемиот дел од новите средства – 28,9 милијарди шекели – ќе бидат насочени кон одбраната, со што износот за оваа ставка достигнува рекордни 140 милијарди шекели. Дополнително, 1,7 милијарди шекели се издвоени за каматни плаќања, бидејќи новите расходи ќе го зголемат државниот долг.
Со ребалансот, планираниот буџетски дефицит се зголемува на 5,2% од БДП, во споредба со претходните 4,9%. Министерството посочи дека приходите во првата половина од годината биле повисоки од очекуваното, што делумно ќе го амортизира ефектот од дополнителните расходи.
Одлуката доаѓа во момент кога израелската армија се подготвува за проширена операција во Газа Сити, каде што, според властите, Хамас сè уште држи заробени израелски граѓани. Премиерот Нетанјаху веќе одобри напредување на копнените сили кон градот, иако Хамас изјави дека прифатил нов предлог за прекин на огнот од Египет и Катар.
Опозициските лидери остро ја критикуваа одлуката на владата. Поранешниот министер за финансии Авигдор Либерман оцени дека „парите за помош за Газа завршуваат во рацете на Хамас“, додека лидерот на опозицијата Јаир Лапид порача дека „намалувањето на средства за здравство и образование во корист на војната е срамота што ќе ја плати народот“.
Израелската економија се соочува со сериозни притисоци – во вториот квартал од годинава забележан е неочекуван пад на БДП од 3,5%, што експертите го припишуваат на високите трошоци од војната и намалената потрошувачка. Централната банка на Израел утре ќе одлучува за каматните стапки, кои се очекува да останат непроменети по 13-ти пат поради неизвесностите што ги носи конфликтот.