Израел и Иран разменуваат удари трет ден по ред

Во четвртокот, Израел изврши нова серија воздушни напади врз Иран, трети по ред ден од ескалацијата на конфликтот, предупредувајќи дека може да следи уште посилен удар. Некои ирански ракети успеале да ја пробијат израелската противвоздушна одбрана и погодиле згради во централниот дел на земјата.

Разговорите меѓу САД и Иран за иранската нуклеарна програма, кои требаше да продолжат денес со шеста рунда, се откажани, соопшти Оман, кој посредува во преговорите.

Конфликтот ескалираше по неочекуваното израелско бомбардирање на нуклеарни и воени објекти во Иран минатиот петок, при што беа убиени високи воени команданти и нуклеарни научници. Ниту една страна досега не покажува подготвеност за деескалација.

Израел, како што се наведува, целел и на нафтен сектор, при што е погоден објект за природен гас, дел од поширока офанзива врз иранската енергетска инфраструктура, што може да има глобални економски последици.

Американскиот претседател Доналд Трамп даде отворена поддршка за израелските напади и го предупреди Иран дека ќе се соочи со „понатамошно уништување“ доколку не прифати нов нуклеарен договор.

Рано утрово, низ Техеран и други ирански градови повторно се слушале експлозии. Според последните податоци, објавени од иранскиот амбасадор во ОН, загинале 78 лица, а над 320 се ранети.

Во Израел, службата за итна помош „Маген Давид Адом“ соопшти дека најмалку 10 лица загинале во нападите во текот на ноќта, со што вкупниот број на жртви се искачи на 13.

Израелските напади биле насочени кон Министерството за одбрана на Иран, системите за воздушна одбрана, воени бази и локации поврзани со нуклеарната програма. Убиени се неколку високи генерали и научници, што укажува на длабоко инфилтрирање на израелското разузнавање во иранските институции.

Во израелскиот град Бат Јам, во близина на Тел Авив, шест лица, меѓу кои две деца, загинаа откако ракета погоди станбена зграда. Во Тамра, на северот на земјата, четири лица загинаа, а 24 се повредени. Во Реховот, ранети се 42 лица, а неколку згради во истражувачкиот институт Вајцман биле погодени, но нема повредени.

Иако Израел поседува напреден повеќеслоен систем за ракетна одбрана, властите предупредуваат дека тој не е непогрешлив.

Израел тврди дека нападите се со цел да го спречат Иран да развие нуклеарно оружје. Иран, пак, инсистира дека неговата нуклеарна програма е наменета за мирољубиви цели. Иако САД и други земји тврдат дека Техеран не работи на развој на нуклеарно оружје од 2003 година, Иран во последните години го збогатува ураниумот до нивоа блиски до оружје и се смета дека може да изгради бомба за само неколку месеци доколку одлучи да го стори тоа.

Иранските медиуми известуваат дека израелскиот напад со дрон предизвикал силна експлозија во гасен објект, што би можел да биде прв директен удар врз иранскиот нафтен и гасен сектор. Сѐ уште не е познат обемот на штетата во гасното поле Јужен Парс, за кое се верува дека било една од клучните цели на нападот.

Зачлени се на нашиот е-билтен