Израелскиот кабинет одобри легализација и основање на 19 населбенички пунктови на окупираниот Западен Брег, што претставува едно од најголемите проширувања на израелските населби на оваа територија, објави CNN. Одлуката, донесена во четвртокот навечер, опфаќа 19 пунктови низ Западниот Брег, вклучувајќи и два кои претходно биле евакуирани според планот за повлекување од 2005 година.
Портпаролот на палестинскиот претседател, Набил Абу Рудејнех, остро реагираше на одлуката, истакнувајќи дека „целата израелска населбеничка активност е нелегална и претставува кршење на меѓународното право и резолуциите на меѓународната заедница“, пренесе палестинската новинска агенција WAFA.
„Опасна ескалација“
Овие пунктови, кои колонистите ги воспоставуваат со цел подоцна да добијат дозволи за градба, се сметаат за нелегални не само според меѓународното право, туку и според израелското законодавство. Голем дел од новоодобрените населби се наоѓаат длабоко во Западниот Брег. Некои од нив постојат повеќе од 20 години и во нив живеат десетици семејства, додека други се лоцирани на стратешки позиции што овозможуваат понатамошно територијално проширување.
Муајад Шабан, претседател на Палестинската комисија за колонизација и отпор против ѕидот, ја оцени одлуката како „опасна ескалација која ги разоткрива вистинските намери на окупациската влада, зацврстување на системот на анексија, апартхејд и целосна јудаизација на палестинската земја“.
Новото одобрување е дел од поширокиот притисок на израелската десница, вклучувајќи го и министерот за финансии Безалел Смотрич, за проширување на населбите со цел да се спречи територијалната поврзаност меѓу палестинските градови, што, според критичарите, практично ја уништува можноста за формирање палестинска држава.
Речиси 800 нови станбени единици
Крајнодесничарското движење „Нахала“, кое отворено се залага за ширење на населбите, ја поздрави одлуката како „импресивно достигнување“ и изрази надеж дека таа наскоро ќе доведе и до повторно воспоставување израелски населби во Појасот Газа. Потсетување, во мај Израел најави формирање на 22 нови населби, што, според организацијата Peace Now, е најголемо проширување во последните повеќе од 30 години.
Само во средата беше одобрена изградба на речиси 800 станбени единици во три различни населби на Западниот Брег. Смотрич изјави дека новите објекти се „дел од јасен стратешки процес за зајакнување на населбите и обезбедување континуитет на животот, безбедноста и растот“.
Претседателот на Палестинскиот национален совет, Рухи Фатух, порача дека одлуката претставува „двојно кршење на меѓународното право“, повикувајќи се на резолуциите на Обединетите нации и на мислењето на Меѓународниот суд на правдата.