Напнатоста во Газа повторно е на работ на експлозија. Израел денес му постави јасен ултиматум на Хамас – „или ќе го предадете оружјето, или ќе се соочите со последици какви што досега не сте виделе“, порача премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој предупреди дека „околу ова нема компромис“.
Истовремено, во Газа пристигнаа телата на 45 Палестинци, кои израелските сили вчера ги предадоа на Црвениот крст. Имињата на загинатите сè уште не се познати, но бројот на предадените тела за само два дена порасна на 90 – нова црна страница во војната што не престанува.
Според израелската телевизија Kan, во среда ќе биде отворен граничниот премин Рафа со Египет, а количината на хуманитарна помош за појасот Газа ќе се зголеми. Но, и покрај тоа, израелските власти не даваат сигнали за вистинско попуштање:
„Не може да има отворање на границите додека Хамас држи оружје и извршува егзекуции на улиците,“ изјавил висок израелски офицер за локалните медиуми.
Во понеделникот Хамас предаде четири тела, а следниот ден уште четири. Израел, сепак, тврди дека едно од нив не припаѓа на ниту еден од заложниците, што дополнително ја продлабочи кризата. Вечерва се очекува нова размена – уште две тела на израелски заложници.
Според податоците на Израел, од вкупно 28 тела на израелски државјани во Газа, по вечерешната предавање остануваат уште 19 кои допрва треба да бидат вратени.
Додека Нетанјаху сведочи на судење за корупција во Тел Авив, неговата реторика станува сè поостра. „Хамас треба да знае дека Израел не преговара со терор. Ако не го предадат оружјето – ќе ги снајде пекол,“ порача тој пред новинарите.
Сценариото е јасно: доколку Хамас не одговори на ултиматумот, Израел е подготвен повторно да ја прошири операцијата во северниот дел на Газа, каде уништувањето е толку масовно што, како што сведочат локалците, „таму нема ништо – само диви животни“.
Преминот Рафа стана симбол на опстанокот на стотици илјади луѓе. За некои, тоа е портата кон бегство, за други граница на затворот. Отворањето на преминот во среда ќе биде тест за тоа дали хуманитарните договори можат да преживеат војна што од секоја страна остава само тела, закани и ултиматуми.
Во моментов, сите очи се вперени во Газа – каде што мирот е збор што звучи сè понереално.