Израел не запира: Најмалку 20 загинати во нови напади врз Газа

Воени напади на Израел врз Појасот Газа убија најмалку 20 Палестинци во неделата, меѓу кои и локален новинар и висок службеник за спасување, соопштија локалните здравствени власти, пренесува Ројтерс.

Според лекарите, последните жртви на израелската офанзива се резултат на одделни напади во Кан Јунис на југот, Џабалија на северот и Нусеират во централниот дел на Газа. Во Џабалија, новинарот Хасан Маџди Абу Варда и неколку членови на неговото семејство загинале при воздушен напад што ја погодил нивната куќа рано изутрина.

Во друг воздушен напад врз Нусеират, загинале Ашраф Абу Нар, висок службеник за цивилна заштита, и неговата сопруга, соопштија медицински извори. Израелската војска засега нема дадено официјален коментар.

Канцеларијата за медиуми на Хамас во Газа соопшти дека со смртта на Абу Варда, бројот на палестински новинари убиени од 7 октомври 2023 година се искачи на 220.

Израел продолжува со нападите

Вооружените крила на Хамас и Исламски џихад, во одделни соопштенија во неделата, информираа дека нивни борци извршиле неколку заседи и напади со експлозивни направи и противтенковски ракети врз израелските сили во повеќе делови на Газа.

По двомесечен прекин на огнот, Израел ја продолжи офанзивата среде март, а на 17 мај ги интензивираше воените операции со цел, како што тврди, да го уништи Хамас, да ги ослободи преостанатите заложници и да воспостави целосна контрола врз територијата.

Нападот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година резултираше со 1.218 жртви, претежно цивили, според проценките на АФП врз основа на официјални податоци.

Од вкупно 251 лице киднапирано тој ден, 57 сè уште се наоѓаат во заробеништво во Газа, од кои најмалку 34 се сметаат за починати, според израелските власти.

Според податоците на Министерството за здравство на владата на Хамас, кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни, во израелската воена офанзива досега се убиени над 53.901 жител на Газа, најголем дел од нив цивили.

Зачлени се на нашиот е-билтен