Израел одлучи да ги интензивира воените операции во Газа

Фото: EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Израелските министри денес се согласија да ја интензивираат војната против Хамас во Газа, изјави неименуван функционер, што укажува на намерата да се заземе поголема територија во палестинската енклава, за што ќе бидат мобилизирани десетици илјади воени резервисти.

Планот, за кој официјалниот претставник рече дека ќе се спроведува постепено, може да доведе до проширување на воените операции во Газа, кои продолжуваат од март, откако Израел и Хамас не успеаја да се договорат за продолжување на осумнеделното примирје.

Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Ејал Замир, изјави во неделата дека армијата ќе мобилизира десетици илјади резервисти и дека Израел ќе „дејствува во дополнителни области“ на територијата на Газа, продолжувајќи со нападите врз инфраструктурата на милитантите во енклавата.

Израел веќе контролира околу половина од Газа, вклучувајќи ја тампон-зоната долж границата со Израел, како и три коридори што се протегаат од исток кон запад низ територијата. Тие ги турнаа Палестинците во сè помали површини на таа опустошена територија, пишува агенцијата АП. Израел со недели се обидува да го зголеми притисокот врз милитантната група Хамас и да ја натера да покаже поголема флексибилност во преговорите.

Израел ја прекина помошта за Газа на почетокот на март, а забраната останува на сила, што ја турка 2,3 милиони луѓе што живеат во Газа во најтешката криза од почетокот на војната. Гладот е широко распространет, а кражбите се поттикнувани поради недостигот.

Израел ги продолжи нападите на територијата на 18 март по двомесечно примирје, а оттогаш се убиени повеќе од 2.600 луѓе, според локалните здравствени претставници.

Претходниот прекин на огнот требаше да доведе до преговори меѓу страните за крај на војната, но како да се постигне тоа останува главна точка на несогласување. Израел вели дека нема да се согласи на прекин на војната сè додека Хамас не биде поразен, додека Хамас бара договор за постепено завршување на конфликтот.

Зачлени се на нашиот е-билтен