Израел се закани дека ќе одговори на санкциите на ЕУ

Европската комисија предложи зголемување на царините за увоз на израелска стока во Европската унија и воведување санкции против двајца крајнодесничарски израелски министри.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека целта на мерките не е казнување на Израел, туку подобрување на хуманитарната состојба во Газа. „Сите земји членки се согласуваат дека ситуацијата во Газа е неодржлива. Војната мора да запре,“ порача Калас.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, преку платформата Икс оцени дека „препораките на Европската комисија се морално и политички изопачени“ и предупреди дека „секое дејство против Израел ќе добие соодветен одговор“.

Извозот на Израел во ЕУ, негов најголем трговски партнер, минатата година изнесувал 15,9 милијарди евра. Според проценките, новите тарифи би погодиле околу 37% од тој увоз, со дополнителни 227 милиони евра за одредени израелски производи, особено земјоделски.

Меѓу таргетираните се и двајца израелски министри – Итамар Бен-Гвир, задолжен за национална безбедност, и Бецалел Смотрич, министер за финансии.

Предлогот веќе е на маса пред европската „дваесет и седморка“. За трговските санкции потребна е квалификувана мнозинска поддршка, но дипломатите во Брисел предупредуваат дека постигнувањето договор ќе биде тешко.

Минатогодишните, поблаги мерки не успеаја да добијат доволна поддршка, особено поради противењето на Германија и Италија. Слична судбина имаше и предлогот за санкционирање на истите министри во август 2024 година, кој пропадна поради барањето за едногласна одлука.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата недела најави замрзнување на финансиската помош за Израел и делумна суспензија на трговските односи.

Зачлени се на нашиот е-билтен