Израел потпиша договор со Грција во вредност од 400 милиони долари за продажба на противтенковски ракети од типот Спајк, произведени од израелската воена технолошка компанија Рафаел, соопшти денеска израелското Министерство за одбрана.
„Овој проект е дел од серијата договори меѓу Израел и Грција и продолжува да го нагласува силното партнерство меѓу нашите земји и нашите воени естаблишменти“, рече израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Тој рече дека двете земји заеднички се залагаат за обезбедување регионална стабилност.
Спајк е наведувана противтенковска ракета што ја користат многу земји од ЕУ и НАТО.
Проектилите „Спајк“ ќе ги зајакнат грчките воени капацитети и очекуваме во блиска иднина да ја продлабочиме понатамошната стратешка соработка“, изјави директорот на Рафаел, Јоав Хар-Ивен.
Минатата недела Израел и Рафаел објавија дека на Финска ќе и го дадат напредниот противвоздушен систем Дејвид Слинг, откако оваа нордиска земја официјално се приклучи на Организацијата на Северноатлантскиот договор на 4 април.
Финска ќе добие одбранбени системи способни да пресретнуваат балистички и крстаречки ракети и за тоа ќе плати 316 милиони евра.
Сепак, Хелсинки ќе мора да чека одобрение од САД кои беа вклучени во развојот на тој систем.
Финска најави дека договорот со Израел значително ќе ги зголеми нивните способности, додека Израел го нарече „квантен скок“ во одбранбената соработка меѓу земјите.