Израелска рација на југот на Сирија: Загинати 10 лица, меѓу нив и две деца

Најмалку десет лица загинаа денеска во израелска вооружена акција во село на југот на Сирија, јавија сириските државни медиуми. Израелската војска соопшти дека во истата операција биле ранети пет израелски војници за време на судир што настанал при апсење на припадници на милитантна група.

Според сириските државни извори, рацијата во областа околу селото Бејт Џин се претворила во еден од најсмртоносните инциденти од минатата година, кога беше соборен претседателот Башар ал–Асад. Од тогаш, израелските сили редовно изведуваат акции на југот на Сирија, оправдувајќи ги со целта да ги држат милитантите подалеку од границата.

Израелската војска соопшти дека врз нејзините единици било пукано за време на ноќна операција за апсење лица осомничени дека припаѓаат на групата идентификувана како Џама Исламија. Операцијата била опишана како дел од „рутинските активности“ последните неколку месеци.

Според соопштението, израелските сили возвратиле со огнено дејство и воздушна поддршка, при што тројца од ранетите војници се во тешка состојба. Израелската армија наведе дека „бројни терористи се елиминирани“.

Сириската новинска агенција САНА, повикувајќи се на регионален здравствен функционер, информира дека во израелскиот напад загинале 10 лица, а десетици се повредени. Меѓу жртвите има и две деца.

САНА пренесува дека израелските сили го гранатирале Бејт Џин околу 2.40 часот по полноќ, по што влегле во селото. Локалните жители се спротивставиле, што довело до „жестоки престрелки“. Израелските војници уапсиле две лица, потврдија и израелски извори и сириски локални претставници.

Израел одбил да даде дополнителни детали за милитантната група што била цел на рацијата, но ги обвини осомничените за активности поврзани со поставување импровизирани експлозивни направи и „планирање идни напади врз Израел, вклучително и ракетен оган“.

Израелска страна повторно изрази длабока недоверба кон новата влада предводена од Ахмад ал–Шар, поранешен командант на Ал-Каеда, истакнувајќи дека сака југот на Сирија да биде демилитаризиран. Шар изјави дека Сирија „не претставува закана за ниту една држава“.

Израел и претходно интервенирал во Сирија, најчесто оправдувајќи ги акциите со заштита на Друзите, а особено за време на мајските судири во провинцијата Свејда меѓу сунитските Бедуини, владините сили и Друзите.

Од соборувањето на Асад, Израел ги засилил воените активности, префрлајќи војници и опрема јужно од тампон-зоната договорена во 1974 година, сè до стратешки важниот врв на планината Хермон.

Инцидентот дополнително ги зголемува тензиите во регионот, а состојбата на теренот останува крајно нестабилна.

Зачлени се на нашиот е-билтен