Израелскиот шеф на дипломатијата по пукањето во Сиднеј: Австралиската влада мора да се вразуми

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар остро ја критикуваше австралиската влада по смртоносното пукање на настан по повод празникот Ханука во Сиднеј, оценувајќи дека трагедијата е „резултат на антисемитско дивеење по улиците на Австралија“.

„Згрозен сум од убиственото пукање на настанот по повод Ханука во Сиднеј“, напиша Саар, додавајќи дека еврејската заедница била директна цел и дека неделниот напад е последица на, како што наведе, „двегодишно антисемитско дивеење во Австралија“.

Тој порача дека австралиската влада, и покрај бројните предупредувачки сигнали, не реагирала соодветно. „Австралиската влада, која доби безброј предупредувања, мора да се вразуми“, истакна Саар, пренесува агенцијата dpa.

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека пукањето на плажата Бонди претставува напад врз еврејската заедница. „Во овие моменти, подли терористи ги нападнаа нашите сестри и браќа во Сиднеј, во суров напад врз Евреи кои се собраа да ја запалат првата свеќа за Ханука на плажата Бонди“, соопшти неговиот кабинет во Ерусалим.

„Срцето на целиот израелски народ застана во овој момент додека се молиме за закрепнување на повредените и за оние кои ги загубија животите“, додаде Херцог. Тој истакна дека Израел повеќепати повикувал на конкретни мерки против, како што го опиша, „огромниот бран“ на антисемитизам што го погодува австралиското општество.

Напад за време на празникот Ханука

Според првичните информации, цел на нападот на познатата плажа во источен Сиднеј бил еврејски настан организиран по повод Ханука, чиј прв ден се одбележуваше во неделата. Австралиските медиуми јавија дека биле испукани десетици куршуми, при што загинале 10 лица, а најмалку уште толку биле повредени.

Полицијата првично соопшти дека се приведени две лица, без да открие детали за мотивите и идентитетот на осомничените. Подоцна беше објавено дека еден напаѓач е мртов, а друг се наоѓа во критична состојба.

Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, забележан е глобален пораст на антисемитизмот, со напади врз Евреи и синагоги. Во одредени случаи, критиките кон Израел прераснале во отворена омраза кон Евреите.

Австралиските власти официјално сè уште не потврдија дека нападот бил насочен кон еврејската заедница, но претседателот на Здружението на австралиските Евреи го опиша како „трагедија што била целосно предвидлива“.

Премиерот Ентони Албанезе и неговата влада, според него, „повеќепати биле предупредувани, но не презеле соодветни мерки за заштита на еврејската заедница“, изјави Роберт Грегори за АФП.

„Напад врз Евреите и врз нашите вредности“

Претседателот на Ционистичката федерација на Австралија, Џереми Лајблер, изјави за Jerusalem Post дека еврејската заедница е во шок. „Околу две илјади членови на заедницата ја славеа Ханука, палејќи ја првата свеќа на плажата Бонди. Сега сме во состојба на висока подготвеност“, рече Лајблер.

„Ова е ден на огромна тага. Членови на нашата заедница се убиени, други се тешко повредени, а семејства се уништени. Светиот момент на светлина се претвори во темнина“, додаде тој, нагласувајќи дека приоритет во моментов се жртвите, нивните семејства и безбедноста на заедницата.

Лајблер порача дека „напад врз Евреи кои ја слават својата вера е напад и врз самата Австралија“, оценувајќи дека станува збор за напад врз општествените вредности, кохезијата и основното право на луѓето да се собираат без страв.

Коизвршниот директор на Извршниот совет на австралиските Евреи, Алекс Ривчин, за Sky News изјави дека пукањето се случило за време на настан посветен на еврејскиот празник Ханука, кој започнал по зајдисонце. Тој додаде дека неговиот медиумски советник бил ранет во нападот.

„Ако навистина сме биле намерно цел, тоа е нешто што никој од нас не можеше да го замисли. Ова е ужасно“, изјави Ривчин.

Зачлени се на нашиот е-билтен