Извозот на руски гас на најниско ниво во претходните 50 години: Останува само една рута за транзит на руски гас до Европа!

ЕУ објави дека целосно ќе престане да увезува руски гас до крајот на 2027 година со цел да се стави крај на зависноста од руските енергетски компании

Извозот на руски гас до Европа преку цевководи се намали за 44 проценти оваа година, на најниско ниво од средината на 1970-тите, по затворањето на транзитната рута низ Украина и одлуката на Европската Унија постепено да го укине увозот на фосилни горива од Русија.

Турски тек е единствената преостаната рута за транзит на руски гас до Европа, а преку него, покрај Турција, гас добиваат и Србија, Унгарија и Словачка.

ЕУ објави дека целосно ќе престане да увезува руски гас до крајот на 2027 година со цел да се стави крај на зависноста од руските енергетски компании и дека Москва нема да ги користи овие средства за финансирање на војната во Украина. Претходно, Европа беше најголемиот извор на буџетски приходи на Русија од продажба на нафта и гас, испорачани преку цевководи изградени во 1960-тите и 1970-тите години што ги поврзуваа Советскиот Сојуз и Западна Европа.

Извозот на руски гас во Европа преку цевководи беше највисок во 2018 и 2019 година, кога изнесуваше повеќе од 175-180 милијарди кубни метри годишно и донесе десетици милијарди евра приходи на Газпром, во кој руската влада има контролен удел.

Оваа година, Газпром испорача само 18 милијарди кубни метри во Европа преку подводниот гасовод Турски тек, според пресметките на Ројтерс врз основа на податоци од Европската мрежа на оператори на системи за пренос на гас (Entsog).

Тоа е најниското ниво од почетокот на 1970-тите, според Ројтерс.

Според податоците на „Газпром“, во 1973 година, во првите години од извозот на сибирски гас, Советскиот Сојуз испорача 6,8 милијарди кубни метри гас во Европа, а во 1975 година, извозот се зголеми на 19,3 милијарди.

Испораките преку Турски тек се зголемија
Испораките преку Турски тек се зголемија за 12,9 проценти само во декември, во споредба со декември 2024 година, на околу 56 милиони кубни метри дневно, додека во споредба со ноември, се зголемија за три проценти.

Извозот на гас во Европа преку Турски тек се зголеми за околу седум проценти оваа година, со 16,8 милијарди кубни метри во 2024 година. Заедно со испораките преку Украина, минатата година беа извезени 32 милијарди кубни метри, што е за 13 проценти повеќе отколку во 2023 година.

„Газпром“ извезува во Турција околу 20 милијарди кубни метри годишно.

Русија, исто така, извезува течен гас во Европа со танкери и е втор најголем снабдувач на ЕУ по САД.

Зачлени се на нашиот е-билтен