Јамајка официјално ќе побара од британскиот крал Чарлс III да иницира правна постапка пред највисокото судско тело на Обединетото Кралство – Судскиот комитет на Тајниот совет – со цел да се испита легалноста на ропството и можноста за репарации за сторените историски неправди.
Министерката за култура на Јамајка, Оливија Грејнџ, пред парламентот изјави дека Владата сака Судскиот комитет да разгледа дали присилното пренесување и поробување на стотици илјади Африканци било правно оправдано и дали Велика Британија има обврска да обезбеди отштета за последиците што траат до денес.
„Ќе поднесеме барање до Неговото Височество, кралот Чарлс III, да ги упати сите релевантни прашања до Тајниот совет, согласно неговата актуелна улога како шеф на државата на Јамајка“, изјави Грејнџ.
Според британскиот Закон за судскиот комитет од 1833 година, монархот има право да побара правен совет од ова тело, кое служи како последен апелационен суд за некои земји од Комонвелтот, вклучително и Јамајка.
Иако кралот Чарлс во 2022 година изрази „длабока жал“ за ропството, Обединетото Кралство досега ги отфрла сите официјални барања за репарации. Сепак, правните експерти укажуваат дека вакво барање би можело да отвори важен преседан.
Јамајка, која ја доби својата независност од Британија во 1962 година, сè уште го признава британскиот монарх како шеф на државата. Но, минатата година владата покрена иницијатива за уставни измени со кои би се укинала таа врска и земјата би станала република.
Барањето за репарации доаѓа како дел од поширокиот процес на пресметување со колонијалното наследство и барање историска правда. Историчарите укажуваат дека економските и социјалните нееднаквости во Јамајка и понатаму се директна последица од вековите ропство и експлоатација.
Судскиот комитет има право да одлучи дали ќе даде мислење по ова прашање. Тоа мислење, иако не секогаш обврзувачко, може да има значајна морална и политичка тежина во глобалната дебата за репарациите.