Италијанецот Јаник Синер ја освои својата прва титула на Вимблдон откако во неделното финале го совлада двократниот бранител на титулата Карлос Алкарас со резултат 4-6, 6-4, 6-4, 6-4.
Оваа победа не само што му донесе четврта грен слем титула на 23-годишниот Синер, туку и стави крај на доминацијата на неговиот најголем ривал, 22-годишниот Шпанец Алкарас, кој претходно ги имаше добиено последните пет меѓусебни дуели, вклучувајќи го и драматичното финале на Ролан Гарос пред пет недели.
Синер, кој сега е рангиран како број 1 во светот, со оваа победа се доближи на само една титула зад Алкарас, кој досега има пет грен слем трофеи. Финалето во Лондон претставуваше уште еден чекор кон нова ера во машкиот тенис, со Синер и Алкарас како водечки фигури во генерацијата по Ѓоковиќ, Надал и Федерер.
Победата на Синер стави крај на неколку импресивни серии на Алкарас – 24 последователни победи, вклучувајќи 20 натпревари по ред на тревата на Ол Ингланд клубот, каде што ги освои финалните натпревари во 2023 и 2024 година против Новак Ѓоковиќ.
Интересно, последниот пораз на Алкарас на Вимблдон пред ова финале исто така беше од Синер, во четвртото коло во 2022 година – со што оваа победа за Италијанецот може да се смета за симболично затворање на кругот.
Во моментите кога Алкарас притискаше – особено во четвртиот сет, кога имаше две брејк-топки при 4-3 – Синер остана смирен и освои четири последователни поени, со што ја зачува предноста и на крајот го завери триумфот. По последниот поен, Синер стави двете раце на својата бела капа, потоа го прегрна Алкарас, клекна на тревата и со тупаница ја удри земјата во знак на олеснување и среќа.
Со ова Синер покажа дека неговата болна загуба на Ролан Гарос нема да остави последици, туку напротив – ја претвори во мотив за најдобар можен камбек.
Ова беше прво финале на Вимблдон по повеќе од половина век во кое истите двајца тенисери играа финалиња и на Ролан Гарос и на Вимблдон во иста година – подвиг што последно го постигнаа Роџер Федерер и Рафаел Надал во 2006, 2007 и 2008 година.
Синер учествуваше во последните четири финалиња на грен слем турнирите, започнувајќи со победата на УС Опен минатата есен, следена од титула на Австралија Опен во јануари и финале на Ролан Гарос во јуни.
И покрај повредата на лактот што ја доби во четвртото коло, Синер изгледаше сигурно и физички подготвено – како и во полуфиналето против Новак Ѓоковиќ – и уште еднаш докажа дека е еден од најсилните и најконзистентни играчи во светскиот тенис денес.