Јапонија минува низ најсмртоносниот бран напади од мечки досега, при што локалните заедници, особено на северот на земјата, се соочуваат со сериозна безбедносна закана. На првата линија од одбраната се ловци како 76-годишниот Харуо Икегами, кој секое утро ја облекува својата светло портокалова јакна и тргнува во патрола низ својот мал град на островот Хокаидо.
Икегами, кој има повеќе од 40 години ловечко искуство и отстрелал десетици мечки, се смета за клучна фигура за безбедноста на локалното население. „Сега едноставно има премногу мечки. Ова е вонредна состојба“, изјави тој за CNN.
Од почетокот на годинава, во напади од мечки во Јапонија загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 200 се повредени. На социјалните мрежи кружат снимки од мечки кои влегуваат во супермаркети, се движат низ училишни дворови и бараат храна во дворовите на куќите во предградијата.
Поради зголемената опасност, некои училишта беа привремено затворени, а жителите на северните региони избегнуваат излегување по мрак. Кризата предизвика и национална тревога – јапонскиот министер за одбрана распореди војска во најпогодените области, додека амбасадите на САД и Велика Британија издадоа предупредувања за патници кои се движат низ руралните делови на земјата.
Експертите наведуваат повеќе фактори кои придонесуваат за сè почестите средби меѓу луѓето и мечките. Еден од нив е драматичниот пораст на популацијата на кафеавата мечка на Хокаидо, роднина на гризлито, која може да достигне висина до два метра. Во последните 30 години нивниот број е повеќе од двојно зголемен и сега се проценува на околу 12.000 единки.
Втората опасна врста, азиската црна мечка, иако помала, исто така е одговорна за дел од смртоносните напади.
Климатските промени се уште еден значаен фактор. Слабите приноси на јаткасти плодови и овошје ги принудуваат мечките да бараат храна сè поблиску до човечките населби. „Верувам дека мечките се приближуваат до луѓето затоа што мораат да најдат храна“, вели конзерваторот за диви животни Хиро Таматани.
Проблемот дополнително се влошува поради демографските промени. Руралните подрачја во Јапонија се празнат, а напуштеното земјоделско земјиште, кое порано служело како заштитен појас меѓу шумите и населените места, сега станува нов простор за движење на мечките.
Во исто време, Јапонија се соочува со сериозен пад на бројот на лиценцирани ловци, кои во просек се сè постари. Мал број млади луѓе се подготвени да се занимаваат со опасна и слабо платена работа.
„Да ја сфатеше владата оваа закана посериозно порано, немаше да дојдеме до оваа точка“, смета 37-годишниот ловец Ацуши Канo. „Бесмислено е да се реагира дури сега, кога ситуацијата веќе ескалираше.“
Колку овие средби можат да бидат опасни, сведочи и 84-годишниот ловец Кацуо Харада, кој пред повеќе од 20 години преживеал напад од мечка.
12/1 秋田 怖いけどあまりの空腹で飾りのヒメリンゴを背伸びして必死に食べる子グマ。ライトも怖かったね。山に帰っていますように。
— 日本熊森協会🐻支部員 (@kumamoriBranch) December 11, 2025
「冬眠を控えているはずのクマがなぜこの時期にこれだけ人に近付くのでしょうか」
→一緒に冬ごもりするはずだった母親を失くしたから。https://t.co/YbcM0diGUJ pic.twitter.com/y6XaA9uZbg
„Испалив два куршума, но таа не застана. Се искачи врз мене, ми ја извади пушката од рацете и ме гризна за главата. Окото и увото ми висеа“, раскажува Харада. Животот го спасил така што ѝ ја турнал раката во грлото на мечката. Денес, черепот на животното го чува како потсетник колку брзо можат да се сменат улогите меѓу ловецот и пленот.