Јапонската премиерка спие само два часа дневно: „Работа, работа и само работа“

Новата јапонска премиерка, Санае Такаичи, изјави дека спие само два до четири часа дневно, што предизвика загриженост во јавноста во момент кога земјата се обидува да ја промени корпоративната култура која од работниците бара долги работни часови. Дел од граѓаните и аналитичарите стравуваат дека Такаичи ќе ја засили идејата дека уште повеќе работа е клучот за економски раст.

Алармот се вклучи минатата недела, кога Такаичи во три часот по полноќ ги повикала своите соработници на итен состанок за подготовка пред утринското сослушување во буџетскиот комитет. Настанот дополнително ја отвори дебатата за нејзиниот работен стил, пренесуваат Guardian и RTS.

Откако стана прва жена на премиерската функција во Јапонија, Такаичи вети дека ќе „работи, работи и само ќе работи“. Пред пратениците, покажувајќи кон подочниците, призна дека спие минимално – навика што, како што рече, ја дели со нејзиниот политички идол Маргарет Тачер.
„Сега спијам околу два часа, најмногу четири,“ изјави Такаичи.

Загриженост поради евентуално зголемување на прекувремената работа

Јапонија со години се обидува да ја промени корпоративната култура која ги охрабрува работниците на екстремно долго работно време, често проследено и со задолжителни дружења со колегите во доцните часови. Овој модел доведе до раст на случаите на кароши – смрт од преработеност, како и до дополнителни потешкотии за семејствата што се борат со падот на наталитетот.

Во оваа атмосфера, постои страв дека новата премиерка би поддржала зголемување на ограничувањата за прекувремена работа. Таа, сепак, тврди дека секоја промена ќе биде направена со приоритет на здравјето на работниците.

И самата признава дека нема „работно-животна рамнотежа“

По изборот на чело на Либерално-демократската партија во октомври, а потоа и за премиерка, Такаичи изјави дека ќе се откаже од концептот на рамнотежа меѓу работата и приватниот живот – барем за себе. Истовремено ги повика своите партиски колеги „да работат како коњи“.

Нејзиниот ригорозен работен распоред предизвика реакција и меѓу политичките истомисленици и меѓу опозицијата. Поранешниот економски министер Кен Саито рече дека е „искрено загрижен“ за здравјето на премиерката, а опозицискиот пратеник Кацухито Накаџима јавно ја повика да спие повеќе. Такаичи реагираше со насмевка.

Јапонците генерално не спијат доволно

Иако Такаичи е екстремен пример, студиите покажуваат дека и остатокот од јапонското население не спие доволно. Истражување објавено на Светскиот ден на сонот во март покажало дека Јапонците во просек спијат 7 часа и 1 минута во работните денови – што е 38 минути помалку од глобалниот просек и помалку отколку во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Канада.

Додека јавноста дебатира дали стилот на работа на премиерката е одржлив или опасен, Такаичи останува доследна на своето ветување: повеќе работа за посилен економски раст.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен